Акција на ЈП „Национални шуми“: Запленети нелегално исечени дрва во Кумановско-липковскиот регион
На едно од видеата од акцијата се гледа како екипите на претпријатието со моторни пили сечат стебла, за кои директорот Кире Михаилов вели дека се поставени препреки за надлежните да не можат да стигнат до диво исечените дрва
„Пожарите ги пустошат македонските шуми во текот на летниот период, но дрвокрадците ги пустошат во текот на целата година“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информирајќи за акцијата
Голема акција за заплена на дива сеча на дрва вчера и завчера била реализирана во Кумановско-липковскиот регион.
За акцијата преку објави на социјалните мрежи информираше заменик-директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој сподели и видеа од ангажманот на екипите на претпријатието над селото Никуштак во општина Липково.
На едно од видеата се гледа како екипите на претпријатието со моторни пили сечат стебла дрва, за кои Михаилов вели дека се поставени препреки за надлежните да не можат да стигнат до диво исечените дрва.
„Имаме поголемо количество на одземени дрва. Нашите екипи заедно со крим-полицијата се горе, меѓутоа додека да стигнат екипите и да ги одземат дрвата, патот ни е препречен со исечени стебла. Вакви препреки има до горе и мораме со екипите да го расчистиме теренот за да стигнеме до дрвата кои ќе бидат конфискувани“,вели заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“.
Во објавата тој упатува порака до сите кои се занимаваат со нелегална сеча на дрва, дека криминалот во иднина нема да биде исплатлив.
„Секој оној што смета дека може да работи, ќе му најдеме да се инкорпорира во нормалното работење. Сето ова нема да донесе приход никому. Ќе се бориме со секој криминал. Ќе има нулта толеранција за криминалот. Тоа и го правиме. Без разлика каде во Македонија ќе детектираме вакви случаи, ќе постапиме“, .вели Михаилов.
Директорот на ЈП „Национални шуми“ вчера попладне објави дека акцијата е завршена и дека запленетите дрва веќе се наоѓаат во складиштето на претпријатието во Куманово.
„И покрај сите огромни предизвици и оневозможувањето на пристапните патишта над селото Никуштак, целата количина на дрва која беше незаконски исечена е конфискувана и веќе се наоѓа во складот на ЈП “Македонски Шуми” во Куманово. Им благодарам на колегите од ЈП “Македонски Шуми” од подружниците Куманово и Скопје за ангажманот во изминативе два дена“,напиша Михаилов на Фејсбук.
Во акцијата учествувале и припадници на шумската полиција и екипи на Секторот за внатрешни работи Куманово, со чија помош и логистика била спроведена акцијата.
За акцијата информираше и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Пожарите ги пустошат македонските шуми во текот на летниот период, но дрвокрадците ги пустошат во текот на целата година“,вели тој.
Засега нема прецизна бројка колку нелегално исечени дрва се запленети во акцијата на ЈП „Национални