Акциите на Тесла потонаа откако Маск најави политичка партија

Акциите на Тесла паднаа за речиси 7% еден ден откако извршниот директор Илон Маск објави формирање нова политичка партија, наречена „Американска партија“, со што пазарната вредност на компанијата се намали за повеќе од 68 милијарди долари.

Маск во саботата изјави дека партијата би можела да се фокусира само на „2 или 3 места во Сенатот и 8 до 10 места во Претставничкиот дом“, што, според него, би било „доволно за да се одлучи за контроверзното законодавство и да се обезбеди дека тоа навистина ја одразува волјата на народот“.

Сè поизразеното присуство на Маск во политичкиот живот долго време е причина за загриженост кај акционерите на Тесла. Порано оваа година, тој учествуваше во работата на таканаречениот Оддел за владина ефикасност (DOGE), во соработка со претседателот Доналд Трамп – потег што многумина го протолкуваа како потенцијално штетен за брендот на Тесла.

Акциите на Тесла скокнаа откако тој го напушти DOGE во мај. Но, неодамнешната најава на Маск за враќање во политиката повторно предизвика загриженост.

„Едноставно кажано, сè подлабоката ангажираност на Маск со политичкиот естаблишмент на Вашингтон е токму спротивното од она што го сакаат инвеститорите во Тесла во ова клучно време“, напиша Ден Ивс, раководител на технолошки истражувања во Ведбуш Секјуритити, во белешка до клиентите.

„Додека најлојалните поддржувачи на Маск ќе го поддржат секој негов потег, има сè поголем број акционери кои се заморуваат од неговите политички склоности“, додаде Ивс.

Маск ја имаше поддршката на Трамп порано во својата политичка кариера, но нивниот однос се влоши. Во неделата, американскиот претседател го нарече формирањето на партијата на Маск „смешно“ и тврдеше дека тој „целосно излегол од колосек“.

Маск претходно се судри со администрацијата на Трамп околу предлогот за федерален закон, кој го нарече штетен бидејќи го зголемува долгот на САД. Тој, исто така, изрази противење на елиминацијата на стимулациите за обновлива енергија и електрични возила.

Покрај политичките тензии, Маск се соочува и со оперативни предизвици. „Тесла“ објави пад од 14% во испораките на возила во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година, што е под очекувањата на пазарот.

Компанијата се соочува со зголемена конкуренција, особено на клучниот пазар во Кина, каде што локалните производители на електрични возила агресивно добиваат пазарен удел

Back to top button
Close