Јакимовски размислува за уште еден мандат, не сака Карпош да го остави на кого било
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски сè уште размислува дали повторно ќе се кандидира за нов мандат, но од друга страна, како што вели, не може на чело на општината да биде кој било.
Сè уште не можам да кажам, правиме анкети, ќе видиме што кажуваат анкетите и потоа ќе одлучиме што ќе правиме. Во овој момент морам да кажам дека размислуваме, но докрај не сме одлучиле за оваа работа, имајќи предвид дека треба да се решаваат проблемите на граѓаните, но основно е дека не можеме да дозволиме во општината да влезе било кој – одговори Јакимовски на новинарско прашање дали планира повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош.
Јакимовски досега раководеше со Карпош во четири мандати. Првпат беше избран во 2000 година, па во ноември 2003 година стана министер за економија. Градоначалник на Карпош беше и во два мандати едноподруго од 2009 до 2017 година, а моментално го завршува четвртиот мандат на чело на оваа Општина.