Јакимовски: Советници вршат мобинг врз инспектор во Општина Карпош
Фејсбук објава на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Во Општина Карпош имаме инспектор кој е вработен од 2008 година. Човек со долг стаж, кој низ годините поминал низ различни состави на совети, градоначалници и раководители – и секогаш работата се одвивала со нормална комуникација и соработка., пишува на Фејсбук градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Но, денеска сведочиме на нешто сосема спротивно. Последниве години, нашиот инспектор е изложен на постојан притисок и мобинг од дел од актуелните советници. Навреди, омаловажувања, упади во канцеларија без најава – дури и ситуации кога во 9:00 поднесуваат пријава, а во 9:10 упаѓаат и бараат веднаш извештај за предмет кој штотуку пристигнал. Тоа не е ниту законски, ниту човечки.
Еден инспектор со над 100 активни предмети, сложени постапки и нефункционални институции – не може да биде виновен што законот е растегнат, а поштенските услуги не функционираат. Тој ја врши својата работа совесно и одговорно, но наместо поддршка – добива ароганција и безобразлук.
Јасно и гласно велам: овие луѓе заслужуваат почит, а не притисоци. Ако сакаме ефикасна инспекција, нека се смени законот, нека се зголемат овластувањата и бројот на инспектори. Ароганцијата на поединци нема да ја трпиме повеќе.
Стојам зад мојот колега и зад сите вработени во Општината кои се изложени на вакви напади.
Општината не е приватна сцена за политички промоции, туку институција во служба на граѓаните., стои во објавата на градоначалникот Јакимовски.