Јакимовски: Ви реков дека Мицкоски е договорен за Уставот, но сака да го обвини Груевски
Ви реков дека токму Мицкоски е договорен да дел од неговите пратеници гласаат за уставните промени, а заедно со германското сценарио смислиле стратегија да го обвинат Груевски дека токму тој се труди да обезбеди пратеници за уставни промени, истакна градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски.
„Никола Груевски се изјасни против уставните промени со образложение дека потоа следат нови барања од Бугарите за историските прашања: дека до 2 август 1944 година сме биле Бугари, а од тогаш како што вели тој сме се ребрендирале во Македонци; дека до 1944 година јазикот ни бил бугарски, а од тогаш наваму е македонски, и да признаеме дека делиме иста историја или споделена. Ова го кажува поранешниот премиер во неговиот статус на фејсбук.
Пред два дена ви реков дека токму Мицкоски е договорен да дел од неговите пратеници гласаат за уставните промени, а заедно со германското сценарио смислиле стратегија да го обвинат Груевски дека токму тој се труди да обезбеди пратеници за уставни промени. За жал, итроштината на Мицкоски и тие околу него многу брзо стана провидна, а пустата вистина е како шило“, напиша Јакимовски на фејсбук.
Она што ме зачудува, додава тој, е колку дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот се трескаат од земја ако Груевски и некој од поранешното раководство се спасат со измените од кривичниот закон.
„Можам да разберам да се нервира СДСМ и неговото членство, ама вмровци да леат крокодилски солзи е несфатливо. Ова само кажува каков човек е Христијан Мицкоски. Пардон, каков нечовек е, бездушник. Во состојба е сите да доумрат само тој да се добере до власта. Гордана Јанкуловска и Никола Груевски беа обвинети за набавка на мерцедесот. Објавува слика во неговиот кабинет со Јанкуловска, а за истата работа Груевски го нарекува криминалец. Каква хипокризија“, напиша Јакимовски.