Јакимовски: Владата на каубојски начин ни ја одзема салата „Партизан“, без образложение и само од ќеф

t

Советниците во Советот на Општина Карпош, со исклучок на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска на вонредна седница гласаа против одземањето на салата „Партизан“ од локалната самоуправа и побараа да се преземат сите правни мерки за да се спречи ваквата постапка на Владата. Градоначалникот Стевчо Јакимовски ги повика и карпошани вечерва во 19.30 часот да се соберат пред салата за да го искажат револтот поради одземањето на салата.

Јакимовски вели дека пред два дена до нив стигнал мејл од Министерството за спорт и млади во кој се вели дека Владата на 17 јуни донела одлука за одземање на салата и предавање на управување на ова Министерство. Притоа, како што тврди, одлуката е донесена без никакво образложение зошто тоа е направено.

Оваа спортска сала ни е предадена на управување во декември 2023 година. По предавање на салата, извршивме увид и констатиравме дека салата е изградена, но дека има недостатоци – нема радијатори, не е приклучена на парно греење, нема ниту еден реквизит, салата нема вентилација. Како овде ќе се играат натпревари, некогаш внатре ќе има и над сто луѓе на тренинг, а не е решена вентилацијата.  Нема клупи, нема закачалки, нема буквално ништо. Надвор осветлувањето ние го правевме, приклучоците за вода и струја исто така ги правеше Општина Карпош. Разговарав повеќепати со Агенцијата за млади и спорт и ми беше ветувано дека ќе биде средено. На 17 јуни минатата година испративме допис до Министерството за спорт дека во салата има недостатоци и што да правиме понатаму, но немаше одговор. Во меѓувреме салата протече и покажа влага. Не може да ни се предаде само со цевки, а да нема радијатори. Дали е тоа недостаток во проектот или изведувачот тоа не го направил. Не добивме одговор – вели Јакимовски.

Тој објаснува дека минатото лето разговарал со министерот за спорт Борко Ристевски и го замолил да дојде да ја види салата и да се договорат што да се прави и дали недостатоците и поправките ќе ги прави Општината или Министерството, затоа што, како што нагласи, доколку тоа го прави Општината, треба да се обезбедат пари во буџет, да влезат во програма, да се распишат тендери, да се спроведат постапки.

Како што тврди Јакимовски, министерот ветил дека ќе дојде но тоа не се случило, па на 25 ноември минатат година повторно испратил допис до Министерството. Потоа Општината обезбедила средства во буџетот за да се обезбедат минимум услови и реквизити за спортската сала да почне со работа. Пролетва салата е ставена во функција и во неа се одржаа ученичките спортски игри, а истовремено е распишан и конкурс со услови под кои спортските клубови можат  да ја користат салата.

.„Ние досега сме вложиле 4 милиони денари за салата. Од оваа сала ние немаме никаков бизнис, туку Општината ги покрива сите трошоци, годишно над 100.000 евра ќе треба да се одвојува за да функционира и тоа Општината ќе го прави“, рече Јакимовски.

Тој ги повика жителите на Карпош вечерва во 19.30 часот да излезат на протест заедно со него пред салата против ваквата одлука на Владата.

Од Министерството за спорт велат дека салата се одзема бидејќи не била ставена во функција.

Оваа спортска сала е во државна сопственост и државата одлучува кому ќе му биде дадена на користење, односно ќе биде одземено тоа право доколку не се испочитувани обврските од договорот. Кога утврдивме дека објектот не е ставен во функција речиси една година, инициравме процес на враќање со цел да се санираат сите недостатоци и салата да биде ставена во полн капацитет на располагање на граѓаните.

Тоа ќе се случи. Салата ќе биде санирана, безбедна, опремена, функционална“, велат од Министерството за спорт.

Во соопштението од Министерството го прашуваат Јакимовски дали е вистина дека имал намера да отвори кафетерија во просториите на салата и дека веќе има земено депозит и дали е вистина дека веќе има договорено со нему блиски луѓе, да им бидат дадени на користење деловни простории во салата?

Салата „Партизан“ почна да се реновира во април 2022 година во мандат на СДСМ кога директор на Агенцијата за спорт и млади беше Наумче Мојсоски. Откако заврши реновирањето со пари од Агенцијата, Владата во декември 2023 ја предаде салата во владение на Општина Карпош.

Во март годинава беше ставена во функција, откако цела година после реконструкцијата стоеше затворена оти не беше опремена. Општина Карпош бараше опремувањето и приклучувањето на парно да ги направи Владата, односно Министерството за спорт бидејќи тие ја реновираа, но оттаму сметаа дека таа обврска е на Општината. По отворањето, од Општина Карпош обвинија за лоша изведба бидејќи на некои места салата прокиснувала.

Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 како донација на француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а беше активен и во иницијативите за обнова.

Во 2005, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја даде салата под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена и затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут и стакло и изгледаше дека во секој момент може да се урне.

Back to top button
Close