Јакимовски за „црната листа“ пред претседателската кампања: Јас сум како Вардар, стартувам со минус шест бода

Јас сум како Вардар, стартувам со минус шест бода. Се сеќавате кога Вардар го казнија да настапува во наредната фудбалска сезона со минус шест бода. Вака Стевчо Јакимовски, претседателски кандидат од ГРОМ го објаснува неговото ставање на „црната листа“ на САД токму пред почетокот на изборниот процес за претседателските избори.

Смета дека претседателската функција, како највисока и најодговорна во државата треба да ја врши човек со искуство во политиката, достоинствен и подготвен да не попушти пред каков било притисок кога, како што вели, се загрозени интересите на граѓаните.

„Секаде во секоја држава изборите се најбитното и најчистото нешто што треба да биде. Ако имаш фер и демократски избори по сите стандарди, тоа значи дека ќе имаш мирен постизборен период. Очигледно кај нас се прави еден циркус и обид да се помогне на оние кои ветуваат тоа што сега го зборуваат обратно, а тоа најмногу се однесува на Бугарскиот договор и на промената на уставот за да влезат Бугарите во Уставот и на кратењето на тоа дека сме Македонци од 1944 година, дека нашиот јазик е бугарско наречје и дека сите револуционери се Бугари. Значи за да може таа крупна жаба некој да ја голтне, треба да се елиминираат оние кои најмногу им сметаат во таа работа и кои имаат најтврди ставови. Тоа се барањата од овие луѓе за да можат полесно да го направат предавството после изборите“,вели Јакимовски.

Инсистира веќе да нема Детални урбанистички планови, за да нема корупција ниту во општините, ниту во градот Скопје, ниту во министерствата и советите. Според него, сите оние што сакаат да има корупција во тој дел, молчат.

„Јас сум единствен градоначалник кој се откажал од ингеренциите во урбанизмот. Одобрение за градба даваат исклучиво професионалците. Се залагам за декриминализација во урбанизмот, односно корупцијата да се намали со ослободување на сите функционери од потпис“,вели тој.

Но, според него, ниту тие од Западот не го поддржуваат тоа зашто, како што вели, за да може да нè имаат во раце, па кога сакаат да активираат кривични пријави, да измислуваат вакви листи, да се мешаат во изборни процеси.

„Јас сум човек што не се држи под контрола, што не е спремен да полтронизира и што не е спремен да ги продаде образот и достоинството за што било на светот, вклучувајќи какви било закани, а впрочем ова не е што било, туку закана и грубо мешање во изборниот процес. Зошто тоа не го направија пред три или шест месеци? Што ќе им променеше да причекаат два месеца, па на 9 мај ова да го направат, освен ако не им било желба директно да се мешаат во изборниот процес во Република Македонија“рече Јакимовски.

Кандидатот за претседател на ГРОМ вели дека Европа е во сериозен проблем, односно се гледа дека Европа не може да се справи со притисоците. Во вакви околности, според него, Бугарија се однесува по принципот „село гори, баба се чешла“.

„За во една тешка ситуација во која се наоѓа Европа, за нив најбитна е историјата, дали сме Македонци од 1944 година или откако постоиме. За нив најбитно е каков ни бил јазикот, а воопшто не сакаме да се осврнеме на прашањата кои треба да се затворат, цел Западен Балкан да се интегрира во ЕУ и да функционираме како еден за да можеме да се справиме со ова што ни се случува во целиот свет“,вели тој.

На граѓаните Јакимовски им порача дека како кандидат за претседател може да го тестираат како реагира на притисоци.

„Изборниот модел и начинот на финансирање и медиумската презентација на кандидатите е направен така да ги фаворизираат кандидатите на двете најголеми партии. 90 отсто од медиумскиот колач го земаат тие, а останатите 10 отсто ги земаат сите останати. Ние немаме толку ресурси, во кампањата ќе ги користиме социјалните мрежи, ќе имаме мали митинзи, мали средби со граѓаните. Впрочем, има ли граѓанин во Македонија кој не ја знае политиката на Стевче Јакимовски и има ли граѓанин кој не знае за што се залага Стевче Јакимовски, лидерот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош?“вели тој.

За оној кој ќе ја формира идната влада, вели дека би го доверил мандатот на тој што ќе донесе одлука на конгрес дека нема да го менува Уставот и дека нема да влезат Бугарите во Уставот додека не се затворат сите прашања.

„Тоа мора да биде комплетен пакет или да ни се отворат вратите за преговори со ЕУ, а тие прашања да си ги разговараат експертите, историчарите“,вели Јакимовски.

Пред два дена шесте кандидати за претседател на државата во Државната изборна комисија (ДИК) го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со кој се обврзуваат дека ќе ги почитуваат изборните закони и владеењето на правото.

Кодексот единствено не го потпиша Стевчо Јакимовски, кандидатот за претседател од партијата ГРОМ, посочувајќи дека со тоа ДИК не гарантираат дека ќе организира дебати, како и дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средствата за кампања не биле рамноправно поделени.

„Утрово ја добив веста дека се откажува мастер дебатата. Тоа не е во ред. Не оди во ред на развој на демократските избори. Ако немаме дебати, јас кодексот нема да го потпишам. ДИК е должен да ги направи сите услови за реализација за изборите“,рече Јакимовски.

Back to top button
Close