Ако целта е додворување пред избори, на која било партија (во владата се повеќе партии во моментот), резултатот ќе биде поразувачки. Ако целта е здравјето на граѓаните, тогаш ќе ги впрегне ресурсите кон остварување на таа цел

Во последно време се воздржувам од коментари бидејќи ситуацијата е емотивна, па немам време и енергија да се впуштам во расправии на ФБ, особено сум алергична на коментари дека не сум таму и нема што да кажувам. А и јас сум фрустрирана затоа што блиските ми се таму, сакам прво отворање граници да одам да ги видам.

Во Македонија еден главен системски фелер е што постои силна недоверба во институциите и политичките “елити”, бидејќи искуството покажало дека институциите наместо во интерес на граѓаните, работат во интерес на политичките моќници на власт. Односно главниот наратив е дека власта не е алатка да се подобри животот на граѓаните, туку се злоупотребува за лична корист. Не се гледа големата слика и цели, туку моето и сегашниот личен ќар. Од тоа, во сегашната криза произлезе граѓаните да немаат доверба за која цел се воспоставуваат мерките. Дали е тоа за политички цели на партиите кои сакаат да дојдат до нов мандат или навистина за здравјето на заедницата? Тука верските лидери се “данок на додадена вредност”, но суштината е дека не постои доверба. Оправдано. Никој ни не отишол во затвор се уште за силни злоупотреби на системот.
Во таква ситуација на општа фрустрација сега сите почнаа со нови поделби и обвинувања за одговорниот и виновникот за сегашното влошување на ситуацијата. Односот на др. Караџовски е само крик на немоќ во тој контекст на реална закана, општа недоверба и нефункционални институции. Ако не се престане со вперување на прст во некого, туку да се стави прстот на челото да се размисли “како од овде натаму?”, битката ќе биде загубена.
СДСМ калкулираа и олабавија мерки во знак на популизам пред посакувани избори. ДПМНЕ преку МВР не изрекуваа казни од истите причини, да се додворат на гласачите. Значи системот беше повторно впрегнат во битка за гласови, за некоја ад хок полза за гласачите што ќе ги одоброволи да заокружат партија која нешто направила за нив. Нема голема слика, туку само краткорочни калкулантски цели. Сум пишала повеќе пати дека на Македонија и треба една конференција за договарање на долгорочните цели околу кои сите ќе се обединат. А после да си бараат гласови во рамки на свои преференци во политиките. Но, тоа е тема за помирни времиња. Сега е потребна елементарна комуникација.
Што дефинираме како проблем? Неисполнети очекувања и потреби. Здравјето е приоритет број 1 во потребите, но некој не верува дека мерките ќе му го обезбедат. Излезе на површина сета недоверба во институциите и преовлада потребата за комфор (повторно она мене да ми биде добро, да не ми е ограничена слободата на движење, ниту верските потреби). И таа сега толку потребна доверба во институциите не се реставрира на копче, ниту со популизам. Туку со чесна употреба на ресурсите за цел за која ќе се договориме дека ни е битна.
Владата, како субјект кој има најмногу алатки в раце, треба да види со кои ресурси располага и за која цел? Ако целта е додворување пред избори, на која било партија (во владата се повеќе партии во моментот), резултатот ќе биде поразувачки. Ако целта е здравјето на граѓаните, тогаш ќе ги впрегне ресурсите кон остварување на таа цел. Има Град Скопје служби за хигиена? Може ли да се пренаменат во редарски служби кои ќе контролираат носење маски? Секаде и масовно? Инспекциските служби да се стават на нивно располагање, па каде не помага опомена, да се казнува. Може верските лидери што сакаат да кажуваат, ама ако е забрането движење, просто ќе се приведат тие што го загрозуваат здравјето на заедницата. Овде во Австрија на почетокот, полиција стоеше пред врата на сите на кои им беше изречен карантин. Кога беше се уште висока бројката на заразени, имаше редари секаде. Не е идеално никаде, ама е многу важно каде ќе се впрегнат ресурсите на една земја. И дали ќе се употребат за вистинската цел? И овде има граѓаните кои не веруваат во корона, ама немаат можност да ги загрозат останатите. Просто ќе бидат санкционирани. Може по дома да не веруваат, но од куќниот праг натаму, важат правила кои се структурирани за добро на заедницата. И кршењето е неселективно казниво. Оттука, наместо да се троши енергија во меѓусебни обвинувања, подобро е да се зборува за целите и за ресурсите кои се потребни тие цели да се достигнат. Др. Караџовски и сите лекари, во делот на ресурсите со кои располага земјата се во моментот најсилната алка. Која не е никако корисно да се крши. МВР е очигледно најслабата.
Но кога зборува фрустрацијата наместо разумот, решение е тешко можно. Кога ќе седнеме и ќе се прашаме “што всушност ние сакаме и имаме ли заедничка цел? Што ни треба како ресурс таа цел да ја оствариме?” Тогаш ќе почне доближување до решение.

Ида Протогер

Back to top button
Close