Ако до 15 јуни не се исплатат субвенциите, сточарите излегуваат на протест
Сточарите од Пелагонија се закануваат со протест ако не ми се исплатат субвенциите по грло добиток, заостанати од 2024 година.
Сточарот Тони Петковски од село Велушина, битолско, за Зелена берза утрово вели дека здружението на сточари „Пелагониско поле“ е одлучно да си ги бара заостанатите субвенции за ланската година преку протест, ако власта не ги исплати парите деновиве кога имаат потреба од пари заради садење и сеење на нивите со сточна храна.
Досега сточарите имаат земено само една третина од субвенциите. За кравите исплатени се само 4.000 денари по грло од вкупно 12.000 денари субвенција по крава.
„Одлучено е ако субвенциите по грло не се доисплатат до 15 јуни, на 20 јуни сточарите од Пелагонија излегуваат на протест во 11 часот, пред подрачната единица на МЗШВ во Битола. Ова е одлука на сточарите од ‘Пелагониско поле’“, изјави Петковски за Зелена берза.
Како одминува времето расте притисокот од македонските сточари кон власта за доисплата на субвенциите по грло добиток за кравите, овците и козите за 2024 година. Во нив има уште револт за намалените субвенции по грло со програмата за годинава, иако за разлика од лани ќе добијат денар повеќе за предадено литар млеко во млекарниците.
Досега на одгледувачите на говеда им е исплатена само една третина од субвенциите. Пред Нова година зедоа парцијално по 4.000 денари од грло (исплатени над 201 милион денари). Околу 6.200 говедари бараат доплата за кравите, уште 8.000 денари по грло. Што значи сточарите чекаат вкупно сума од над 400 милиони денари.
„Во ситуација кога прибираме храна за стоката и имаме големи трошоци, оставени сме без пари.Ова е период кога се сади луцерка, сега се садат нивите со сточна храна, пченка“, реагираше Петковски, и минатата недела.
И овчарите ги чекаат субвенциите. Пред Нова година, над 2.000 овчари, зедоа само 600 денари по овца. Лани во декември над 430 козари зедоа 2.000 денари по грло.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски на почетокот на овој месец најави дека за многу скоро ќе следи исплатата на субвенциите за сточарите. Односно дека последниот законски рок е 30 јуни, но дека сточарите на сметките ќе ги добијат основните субвенции многу порано.
Извор: zelenaberza.com.mk