Ако добие лиценца за трет мобилен оператор 4iG најавува услуги до крајот на 2026 година
Унгарски 4iG најавува дека доколку добие лиценца за фреквенција за трет мобилен оператор ќе почне со услуги на македонскиот пазар до крајот на 2026 година. Во соопштение Групацијата денеска посочи дека зголемената конкуренција ќе донесе и пониски цени.
Пал Заранди, директор за стратегии, мобилни и 5Г на 4iG изјави дека веќе неколку месеци работат на подготовки и на воспоставување почетни партнерства на пазарот.
– Кога ќе ја добиеме лиценцата, ќе преминеме на интензивни инвестиции и подготовки за комерцијално лансирање, вели Заранди во пишана изјава.
Тој посочува дека унгарската групација 4iG засега е лидер на пазарот во Албанија, а активно работи и во Црна Гора. Има приходи од 1,8 милијарди евра и над 10 милиони корисници. Главната предност на 4iG, вели Заранди, е тоа што не е само телекомуникациска, туку е и ИТ ориентирана компанија, па може да ги прошири услугите на македонскиот пазар.
– Ќе донесеме нова конкуренција што ќе го стимулира дигиталниот екосистем. Ќе воспоставиме напредна 5G мрежа со голем капацитет. Тоа ќе придонесе за поголема конкуренција на мобилниот пазар, но и во доменот на фиксниот интернет, бидејќи 5G веќе може да се користи и како алтернатива за домашен интернет. Наш фокус ќе биде мобилната телекомуникација, но имаме и други области во кои се надеваме дека ќе бидеме активни и ќе поттикнеме раст и иновација, вели Заранди.
Компанијата „Оне Македонија Телекомуникации“, основана од унгарската групација 4iG веќе поднесе писмо со намери за влез на македонскиот пазар и според соопштението очекува дека најдоцна до крајот на летото ќе ги добие потребните лиценци за фреквенција.
Прелиминарната фаза во која компаниите доставуваа писма за покажување интерес за трет оператор на пазарот на мрежна мобилна телефонија заврши на 16 мај, а зависно од тоа дали има пријавени и други компании, ќе се знае и дали ќе биде распишан тендер со јавно наддавање