Ако има реформи, од први јануари 2026 ќе има бесплатен роаминг за Западен Балкан со ЕУ, најави Кос

Еврокомесарката Кос кажа дека ако лидерите работат трудољубиво и се сменат одредени закони, со ЕУ ќе може да се зборува бесплатно од 2026 година.

Од први јануари 2026 година, ако има реформи земјите од Западен Балкан ќе имаат можност за бесплатен роаминг со Европската Унија. Ова денеска на прес-конференција го најави еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос, на лидерскиот самит на Европската Унија и земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст во Скопје.

„Денеска зборувавме и за роамингот. Ако навистина работиме трудољубиво, а вие лидерите имате волја да го сторите тоа, ќе има многу реформи кои ќе ги сменат законите и ќе можеме да имаме бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026. Со тоа, вашите граѓани ќе можат да комуницираат без дополнителни трошоци кога ќе патуваат во земјите од Европската Унија“, кажа еврокомесарката Кос.

Во јули 2021 беше укинат роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, односно помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. (Sdk.mk)

Back to top button
Close