Ако Мицкоски не е сигурен во себе и во својот идентитет и бара заштита, не му е местото да ја води државата – вели Филипче

Лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција во партиското седиште се осврна на Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, во кој според него се констатира дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност

Прашан во однос на спорот со Бугарија и условот што ѝ се поставува на државата за формално отворање на преговорите, односно уставните измени, Филипче рече дека позицијата тука е јасна и усвоената Преговарачка рамка е чиста и иста како и за сите други земји кандидатки

Извештајот што вчера го усвои Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон Европската Унија, според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го потврдува она што опозициската партија го говори извесен период – дека нема реформи, нема борба против корупцијата и нема напредок на европскиот пат.

Филипче ова го кажа денеска на прес-конференција во партиското седиште, оценувајќи го Извештајот на Европскиот парламент како јасен остар и недвосмислен. Во тој контекст, Филипче се осврна и на јавните изјави на премиерот кои, како што наведува лидерот на опозицијата, јасно говорат дека не може да се очекува од оваа влада некаков напредок на европскиот пат.

„Европратениците, прво, изразуваат загриженост дека судскиот систем, независноста на судството, обвинителството, како и напорите за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Понатаму, констатираат со загриженост дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност“,обвини Филипче.

Како што наведе тој, Извештајот што го подготви европратеникот и известувач за Македонија, Томас Вајц, повикува на итно воздржување од политичко мешање во правосудството и ја нагласуваат важноста од заштитата на интегритетот, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет, согласно препораките и мислењето од мисијата за колегијална ревизија на Оценската мисија од 2023 година.

„Тоа е истата поента за која ние предупредувавме и реагиравме“,рече Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на забелешките во однос на Кривичниот законик и антикорупциските политики и нагласи дека е потребен нов Кривичен законик, кој е веќе подготвен и на кој се работеше и на крајот од мандатот на владата на СДСМ, а е изготвен по примерот на германското законодавство.

Филипче додаде и дека во Извештајот се нотира странско мешање преку медиуми под унгарско влијание кои, како што рече, шират антиевропски наративи.

„Не го кажува ова Венко Филипче? Ова го кажува извештајот на Европскиот парламент. Го потврдува тоа што го говориме со месеци наназад. Дека има медиуми коишто шират антиевропска кампања и антиевропски наративи. Изразуваат загриженост поради стратегиското преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски лица, со што се овозможува антиевропските наративи да навлезат во јавната дебата. И ова е тоа што исто така го говоревме изминатите месеци“кажа лидерот на Социјалдемократскиот сојуз.

Според ставот на Филипче, Европскиот парламент во Извештајот јасно порачува дека реформите не се спроведуваат, а политичка волја да се продолжи европскиот пат едноставно не постои.

Како виновник за ваквата состојба, Филипче го посочи премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што наведе, јасно и јавно кажува дека државата нема да оди напред кон Европската Унија.

Прашан во однос на спорот со Бугарија и условот што ѝ се поставува на државата за формално отворање на преговорите, односно уставните измени, Филипче рече дека позицијата тука е јасна и усвоената Преговарачка рамка е чиста и иста како и за сите други земји кандидатки.

Одговарајќи на новинарското прашање, лидерот СДСМ рече дека протоколите што се веќе усвоени, меѓу кои и оној каде што се охрабрува осториската комисија меѓу Македонија и Бугарија да работи, не е формален услов во Преговарачката рамка и затоа не може да биде предмет на блокада на евроинтегративниот пат.

„Имаме чиста Преговарачка рамка, во рамките на тоа треба да се почитуваат малцинските права, затоа Бугарите треба да влезат во Уставот како едно малцинство од многуте, покрај Хрватите и така натаму. И понатаму, Историската комисија која што треба да си работи, што не е нешто ново. Многу земји имале такви историски комисии. И не е точно дека само ние ја имаме таа обврска за почитување на малцинските права. И ќе дадам еден пример, сега многу свеж и актуелен, кој што премиерот никако не го искоментира, освен што ја нападна опозицијата, тука дека била предавничка или неконструктивна во рамките на неговиот наратив. А тоа е случајот со Украина. Тоа е случајот откако новиот унгарски премиер за разлика од неговиот претходник (Виктор) Орбан, големиот пријател на Христијан Мицкоски, којшто му даде една милијарда евра кредит, така направи договор со Украина и Украинците преземаа обврска да работат на изготвување план за почитување на правата на унгарското малцинство во Украина и ги почнаа преговорите со Европската Унија“рече Филипче.

Од обраќањето на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот настан во Струмица на кој беше одбележана 36-годишнината од основањето на партијата / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на социјалдемократите од Бихаќска, говорејќи за историската комисија, повтори дека таа не е основа за нова или каква било блокада и во таа насока праша: Од што тогаш стравува власта?

„Како може да е историската комисија предмет на блокада? Невозможно е тоа. Зошто би била? Историската комисија се охрабрува да работи и треба да одлучува со консензус. Значи, не може некој да ни наметне некое решение за ревизија на историјата, ако нашите членови во Историската комисија не се согласуваат со тоа, ако има таква тенденција, еве да кажеме. Таа комисија решава со консензус“рече Филипче.

Местото на Македонија е во ЕУ, но нема пазарења со идентитетот и ова е нашата црвена линија, порача Мицкоски од партиската прослава

Лидерот на СДСМ, одговарајќи на новинарските прашања, се осврна и на темата за предвремени избори, наведувајќи дека тие нема да му бидат алиби на премиерот Мицкоски доколку сака такво нешто. Филипче наведе дека избор ќе има кога ќе снема пари во државната каса, а, како што, додаде, пари во неа има сè помалку.

„И оттаму, мислиме дека премиерот така ќе ја прави стратегијата за закажување на следните избори. Едноставно, нема да има пари да издржи оваа влада до 2028 година. Ние не сме му алиби за тоа. Да не бега и да не бара некаков изговор. Кога ќе снема пари, тогаш ќе оди на избори. Тој кажува, потпишала владата бланко хартија, дека никој не водел сметка што се потпишувало и така натаму и така натаму. Ама тоа е бегање од суштината на дискусијата. А што е суштината на дискусијата? Нека каже што е потпишано, кои обврски ги презела владата, нека каже дека е тоа потврдено од Европа“,изјави Филипче.

Тој посочи дека тоа не е документ на владата на СДСМ, туку е документ потпишан со сите земји членки на Европската Унија.

„И што е тоа што тој смета оти е некакво предавство? Тоа е суштинското прашање. А не лажно обвинување, не патриотски говор, не чукање во гради дека сега тој бил тој кој што стои на браникот на државата. Сè е дел од неговата демагогија, добро смислена. Добро смислена да игра на емоцијата на луѓето. Еве ги предавниците, нè донесоа до тука и сега ние ја чуваме државата. Како ја чуваме? Ја носиме во блокада. Анализирај ги документите, кажи каде е, ако има предавство. Што е загрозено? Впрочем претседателката му потврди дека ништо не е загрозено, напротив, дека се потврди идентитетот, јазикот и така натаму. Нека си ја праша Гордана Сиљановска“,изјави Филипче.

Според него, иднината и местото на Македонија е во Европа, а за да се бориме за малцинствата во други земји има и други механизми, како што е Судот за човекови права во Стразбур, Европскиот парламент.

„Прво, тој не се бори за Македонците што живеат тука, зашто луѓето тонат во сиромаштија и немаат европски иднина, а понатаму за Македонците во Бугарија може да бидеме многу посилни кога ќе влеземе во Европска Унија. Е, така ќе се избориме за нив и за нивните права. Кога ќе бидеме рамноправна земја членка во Европска Унија, можеме многу од посилна позиција политичка од оваа сега да ја прашаме Бугарија зошто не ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Така е бори за нацијата“,рече Филипче.

Претходно лидерот на СДСМ, Филипче, упати критики до владејачката партија и до Владата предводена од Христијан Мицкоски во однос на состојбите во економијата, образованието, земјоделството, за кое рече дека е гранка која е речиси пред изумирање.

Мицкоски од Струмица: Ќе има промени – на некои фотелјата им станала помила од контактот со народот

Тој рече дека не случајно кажува дека нацијата е пред колапс, а идентитетот е загрозен, затоа што ако земјата остане изолирана и нема да влезе во планирањето на буџетските средства на ЕУ, како држава ќе ни останат само програмите Хорајзон и прекугранична соработка.

„Ние со тоа не може да преживееме. Отиде Црна Гора напред, отиде Албанија напред. Сè е тоа изговор на премиерот. Ако човекот не е сигурен во себе и во својот идентитет и бара заштита, не му е местото да ја води државата“,вели Филипче.

Back to top button
Close