Ако не биде предложен од партијата, Перински ќе го поддржи кој било кандидат за градоначалник на Скопје

Кој и да е кандидат што ќе биде предложен од мојата партија за градоначалник на Скопје ќе ја има мојата целосна поддршка, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Околу информациите дека актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, ќе биде номиниран како кандидат за Град Скопје по потврдување на резултатите од партиската анкета на Извршниот комитет в недела, Перински рече дека нема такви информации.

„Оваа информација сè уште ја немам. Најдобро е да почекаме до недела. Точно е дека во 12:30 часот имаме состанок на Извршниот комитет и очекувано е да се соопшти, меѓу другите имиња за градоначалници, и името за Град Скопје“,рече Перински во одговор на новинарско прашање.

Министерот истакна дека кој било кандидат да биде поддржан од неговата партија ќе ја има неговата целосна поддршка.

„Не само за Орце Ѓоргиевски, туку за кој било кандидат што ќе биде поддржан од мојата партија, пред сè тоа е огромна чест, ќе ја има мојата целосна поддршка не само во насока на спроведување на програмата, туку и поддршка во насока на кампањскиот период што не очекува“,додаде тој.

Перински појасни дека неговите досегашни активности во ресорот не биле фокусирани на лична кандидатура, туку на принципот по кој работи.

„Јас навистина дадов сè од себе во делот на она што можам да го направам од овој ресор, но тоа не беше главно фокусирано кон кандидатурата за потенцијален кандидат за градоначалник за Град Скопје, туку тоа е принципот по кој јас работам“рече министерот додавајќи дека неговото темпо на работа ќе продолжи како и досега.Прашан што покажуваат партиски анкети и дали очекуваат победа во Скопје, па и во другите општини, Перински изрази оптимизам.

„Генерално, нашите очекувања за победа на локалните избори се големи и тие очекувања се базирани на бројки“,рече тој.

Според министерот, анкетите покажуваат „историски позитивни“ резултати за ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ.

„Очекувањата дека може да победиме во сите општини се базирани на тие бројки и се извесни дека тоа ќе се случи“,кажа Перински.

 

Back to top button
Close