Ако не се најде решение, земјава од март ќе остане без 13-те сеизмолошки станици

Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува дека ќе биде одобрен проект со кој ќе бидат обезбедени средства за набавка на инструменти за Сеизмолошката опсерваторија, а потоа и да се реши проблемот со кој се соочува оваа институција – затворање на 13 сеизмолошки станици низ државата.

Со завршување на тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча – AdriaArray, на почетокот на 2026-та државава ќе остане без мрежата од 13 сеизмолошки станици со кои се следи сеизмичката активност односно просторно-временската застапеност на земјотресите.

Во рамки на тој проект на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област, од 2023 се инсталирани 13 привремени сеизмолошки станици преку кои континуирано се следи сеизмичката активност на територијата на државава и во пограничните региони, како и сеизмичноста на целата планета.

-Ова прашање е актуелно и е многу значјано бидејќи ние сме трусно подрачје. Германската влада ќе си ги повлече инструментите затоа што завршува проектот, рече Јаневска откако Опсерваторијата при Природно-математикиот факултет алармираше дека се во драматична состојба поради немање опрема и кадар.

Back to top button
Close