Ако ова не сопре, Русија ќе и објави војна на Европа
Денко Малески
За мојата генерација која растеше во времето на Студената војна, незамисливо опасно е како една нова генерација политичари во Европа си играат со судбината на светот.
Потсетувам, тоа беше времето на натпревар на две нуклеарни сили,спремни од иделошки причини, барем на зборови, беа спремни да се уништат една другата. Време кога Америка фрли атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки и светот виде ужасни сцени на деструкција и на распаѓање на живи луѓе. Тоа беше време кога во училиштата во САД и Европа учениците добиваа инструкции како да реагираат при атомски удар и да се засолнат под клупите. Тоа беше време кога студентите во светот протестираа против војната и мобилизираа поддршка под мотото:„Подобро денес активен, отколку утре радиоактивен!“. Имаше вистински страв од нуклеарна војна. Од страв, Америка и НАТО не мрднаа со прст кога руските тенкови се тркалаа по улиците на Берлин, Будимпешта, Варшава или Прага, ставајќи крај на протестите на народите на Источна Европа против сталинистичките режими инсталирани во нивните земји по Втората светска војна. Кога, пак, во 1962, Русија постави ракети на Куба, од страв за својата безбедност, одговорот на Америка беше брз и одлучен – ракетините системи мораат да се демонтираат, во спротивно одиме во војна. Во тие тринаест денови, кога светот се тетеравеше на работ од нуклеарна војна, се одвиваше трескавична активност меѓу Кенеди и Хрушчов во барање мирно решение на спорот. Тринаесет денови кубанска крфиза и три години украинска криза, ете колку се нема страв од нуклеарен холокауст.
Дeнешниве генерации политичари, растени во униполарниот момент од светската политика, со една неприкосновена голема сила, Америка, не растена со тој страв. Никако да поверуваат дека светот се промени до толку што новите светски нуклеарни велесили, Русија и Кина, поседуваат економска и воена моќ со која може да му се спротистават на Западот. Конечно, Русија тоа и го докажа изминативе три години. И нема во овие зборови никакво навивање за една или друга страна, особено не за руската. Изнесувам само факти кои зборуваат за новиот мултипоарен свет во кој големите сили мораат да внимаваат да не се доближат премногу една до друга. Во тој контекст, сега подобро ги разбираме пионери на политиката на неврзувањето, Тито, Нехру и Насер, заедно си другите водачи на движењето.
Имено, од оваа временска дистанца, станува уште појасно колку голема улога имало тоа движење во зачувувањето на светскиот мир преку некаква неутралност. Со политиката за непочитување на безбедносните грижи на Русија и нејзиниот отпор кон проширувањето на НАТО со Украина, денешните политичари во Европа, раководени од либералната идеологија за правата на народите, може да предизвикаат светска војна. И повторно, приврзеник сум на либералната демократија и сакам да живееам во демократија, ама и на нужностите да се разбере политиката на реализмот меѓу големите нуклеарни сили која налага: Коегзистенција или неегзистенција.
Се почестите излети длабоко на територијата на Русија преку тајни операции организирани од ЦИА и МИ6 или преку ракетни системи од Запад, јасно покажуваат дека ние членките на НАТО сме веќе во војна со Русија. Како сите да се плашиме дека ако успее иницијативата за мир на американскиот претседател Трам, Америка дефинитивно ќе го напушти нашиот континет и ќе го загубиме помирителот меѓу конфликтните интереси на европските држави. Тоа дека можеме да предизвикаме нуклеарна војна како да не не засега. Во таа смисла, рросто е неверојатно поведението на европските политичари во кое отсуствува трошка страв – барем јавно. Зеленски вчера побара ракети „Томахавк“ на кои може да се постаави и нуклеарно оружје. Трамп , пред состанокот со Путин во Будимпешта за две недели, размислува што да прави. Позициите на рускиот претседател можат да бидат разнишани од оние во руската политика кои сметаат дека неговата политика на воздржување пред западните провокации е срамно попуштање. Ако не успее иницијативата на Трамп да направи „зделка“ со Путин а Зеленски добие ракети „Томахавк“ сцената е поставена за војна. Потребен е само некој „Гаврило Принцип“ да испука куршум, за настаните да почнат незапирливо да се движат кон судир. Во тој случај, први на ударна на Русија би биле цели во Франција, Германија и Британија, главните снабдувачи со оружје. Ако тоа се случи Трамп, кој не сака да горат американски градови, ќе има алиби да не влезе во директна конфронтација со Русија. Ќе рече дека сторил се за мир ама европските политичари не сакале, и дека никогаш не ја оставил Украина на цедило и ја снабдувал со оружје, ама Зеленски не го послушал да ја смени политиката.
И не се чудите што има толку малку мудрост во политиката. Политичарите се само луѓе. Некогаш војни почнуваат затоа што еден владетел „криво“ го погледнал другиот, пишува Николо Макијавели.