Ако се јави потреба, Филипче не исклучува можност од нови рестрикции
Министерот за здравство најави разговори со здравствените власти во Србија и во Косово околу ситуацијата со ковид-19 и кои се потенцијалните ризици по нашата земја
Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави разговори со претставници на здравствените власти на Србија и на Косово за состојбата со коронавирусот и за потенцијалните ризици по нашата држава.
На прашање за зголемениот број заболени од ковид-19 во Србија и во Косово и за тоа дали Владата разгледува опции за евентуално затворање на границите и спречување на големиот проток на луѓе од овие земји, Филипче рече дека досега не е разговарано за тоа.
Засега не сме разговарале за тоа затоа што сегашните официјални податоци не укажуваа на така голем број заразени, иако имавме информации дека нешто неофицијално се случува. Ќе разговараме деновиве со претставници на нивните здравствени власти за да видиме каква е ситуацијата и кои се потенцијалните ризици по нашата земја. Ако во кој било момент одлучиме дека е потребна некаква рестриктивна мерка, дали е тоа премин преку граница или рестрикција во движење во било кој дел од земјата, тоа ќе го препорачаме“, изјави Филипче.
Околу тоа дали политичарите се доволно заштитени за време на изборната кампања, Филипче потенцира дека принципите се јасни и дека важат за сите – за секој собир.
Треба да се носат маски и да се одржува дистанца. Секој што не го почитува тоа го доведува во ризик сопственото здравје и секако здравјето на сите во околината“, нагласи Филипче.
Во однос на административците кои бараат изземање од избирачките одбори, Филипче рече дека за тоа разговарал со Државната изборна комисија (ДИК).
„Бројот на апликации за изземање е практично идентичен на оние што биле изминатите години. Ова се избрани луѓе во избирачките одбори од 2016 година. Значи имаат искуство, знаење, веројатно и помош за спроведување на протоколите. Нивно изземање сериозно би го нарушило овој процес. Станува збор за неколку илјади луѓе. Но, ги разгледуваме поединечните случаи, ако има со хронични болести или некоја друга причина, на тоа може индивидуално да се одговори“ рече Филипче.