Аксиос: Американскиот предлог нуклеарен договор му дозволува на Иран да збогатува ураниум
Предлог нуклеарниот договор што САД му го дадоа на Иран во замена би овозможил ограничено збогатување на ураниум со ниско ниво на иранска почва за временски период што ќе се утврди подоцна, објави „Аксиос“, повикувајќи се на изјави од двајца функционери запознаени со ова прашање.
Според предлогот, на Иран нема да му биде дозволено да гради нови постројки за збогатување на ураниум и ќе мора да „демонтира критична инфраструктура за конверзија и преработка на ураниум“, како и да ги суспендира новите истражувања.
Според договорот за иранската нуклеарна програма, на оваа земја нема да и биде дозволено да развива домашни капацитети за збогатување на ураниум, освен оние неопходни за цивилни цели, а по потпишувањето на договорот, Иран ќе мора привремено да ја намали концентрацијата на збогатување на три проценти.
Иранските подземни објекти за збогатување ураниум ќе мора да станат „нефункционални“ за временски период договорен од страните, а активностите за збогатување во надземните објекти на Иран ќе бидат привремено ограничени на нивото потребно за гориво на нуклеарните реактори, според упатствата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Според предлогот, договорот за нуклеарната програма на Иран би воспоставил „робусен систем за следење и верификација“, вклучително и непосредно одобрување на Дополнителниот протокол на МААЕ.
Во предлогот се наведува дека олеснувањето на санкциите ќе биде одобрено само откако Иран „ќе покаже вистинска посветеност“.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багај, вчера изјави дека американската страна не дала доволно гаранции во врска со тоа кога и како ќе бидат укинати санкциите.
Тој рече дека Техеран сè уште го разгледува американскиот предлог и „донекаде го отфрлил“ тврдењето на САД дека нивната понуда е „прифатлива“ за Иран.