„Аксиос“: Финалниот мировен предлог на Трамп бара Украина да ја признае руската окупација
САД денеска очекуваат одговор од Украина за рамката за мир, која вклучува американско признавање на Крим како дел од Русија и неофицијално признавање на руската контрола врз речиси сите области окупирани по инвазијата во 2022 година, според извори директно запознаени со предлогот, информира „Аксиос“.

Документот од една страница, кој САД им го претставија на украинските власти во Париз минатата недела, го опишува како „конечниот предлог“ од претседателот Доналд Трамп. Белата куќа инсистира на тоа дека е подготвена да се повлече доколку страните наскоро не склучат договор.
Предлогот на Трамп ќе бара големи отстапки од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно ја отфрли можноста за прифаќање на руската окупација на Крим и делови од четири региони во источна Украина, забележува „Аксиос“.