„Аксиос“: САД и Иран пред договор за 60-дневно примирје и деблокада на Ормуската Теснина

САД и Иран се на чекор до финализирање на договор кој предвидува продолжување на примирјето за 60 дена и итно отворање на Ормуската Теснина, објави американскиот медиум „Аксиос“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Според наводите, договорот вклучува обврска за Иран да ги расчисти морските мини што ги постави во водите на Ормуската Теснина, при што од пловните објекти кои поминуваат низ овој премин нема да се наплаќаат никакви такси. За возврат, САД ќе ја отстранат блокадата на иранските пристаништа и ќе укинат дел од санкциите за да му овозможат на Техеран слободна продажба на нафта.
Рамката на договорот предвидува и обврска за Иран дека нема да развива нуклеарно оружје, како и започнување преговори за прекин на програмата за збогатување ураниум. Како дел од овие отстапки, САД изразија подготвеност да ги отворат преговорите за одмрзнување на блокираните ирански финансиски средства во странство.






