Актерот Петар Петковски номиниран за награда на Сараевскиот филмски фестивал

Младиот актер Петар Петковски е номиниран за наградата „Срце на Сараево“ во категоријата „Ѕвезда во подем“ на Сараевскиот филмски фестивал, кој ќе се одржува од 13 до 21 август 2021. Номиниран е за улогата на Бојан во ТВ-серијата „Фамилијата Марковски“, во која толкуваше лик на бунотовен тинејџер што се бори против социјалните неправди

За престижната награда во трка ќе бидат уште четворица актери од регионот – Александар Димитријевиќ за серијата „Клан“, Ивана Зечевиќ за „Група“, Јана Бјелица за „Фамилија“ и Каја Шишмановиќ за „Црно-бел свет“.

Сараевскиот филмски фестивал на годинашното, 27-мо издание, првпат ги воведува наградите за ТВ-серии, со цел да ги промовира најдобрите регионални ТВ-серии и нивните автори и актер(к)и.

Шеснаесет ТВ-серии од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Словенија, кои биле премиерно прикажани од 1 септември 2019 до 31 мај 2021 година, се номинирани за наградите „Срце на Сараево” што ќе се доделат во шест категории: Најдобра драмска серија, Најдобра комедија, Најдобар креатор на серија, Најдобар актер, Најдобра актерка и Sвезда во подем.

– „Фамилијата Марковски“ е единствена серија од нашата држава со номинација на овој фестивал.  Серијата се емитуваше во текот на 2017 и 2019 година и беше примена со огромен интерес особено кај младата публика, заради ликот на Бојан Марковски што за Петар, кој тогаш имаше 15 години, беше прво искуство пред камера, соопшти продукцијата на ТВ-серијата – „Арт проект лаб“.

Режисер на серијата е Даријан Пејовски, а покрај Петар Петковски, главни улоги имаа и  Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ, Силвија Стојановска и Александар Микиќ.

Премиерата на првите две епизоди од втората сезона беше токму на Сараевскиот филмски фестивал во 2019 година, како дел од програмата „Гала претпремиери”, заедно со уште четири балкански серии од новата продукција.

Back to top button
Close