Активисти за заштита на животната средина блокираа центри за дистрибуција на Мекдоналдс во Велика Британија

– Активисти за заштита на правата на животните и заштитата на животната средина денеска блокираа повеќе центри за дистрибуција на американскиот ланец за брза храна Мекдоналдс во Велика Британија, наведувајќи дека нивната акција ќе влијае на 1.300 ресторани.

– Ова го правиме за да се стави крај на мизеријата на рестораните за брза храна кои предизвикуваат дебелина, го уништуваат Амазон и ја загреваат планетата, напиша на Твитер групата „Бунт за животните“ (Animal Rebellion), која ја организираше акцијата.

Акцијата се спроведува во четири дистрибутивни центри во Англија во Конвентри, Манчестер, Бејзинсток и Хемел Хемпстед близу Лондон.

Тие се обидуваат да го убедат американскиот синџир за брза храна да се посвети на целосно преминување во растителна храна до 2025 година.

Групата соопшти дека планира да остане на тие локации најмалку 24 часа.

Back to top button
Close