Активна блокада на Собранието

Кога ВМРО-ДПМНЕ побара разговори за предвремени избори и понуди тимови кои ќе ги стави на располагање на државата искрено се израдував. Прво, затоа што нормално е опозицијата да бара предвремени избори, а второ затоа што предложија концепт кој прилично излегува од матрицата на ненормално политичко делување кое е карактеристика за нашава држава и карактеристика на партиите од независноста до денес. Она што не ми се допадна е условувањето на помошта од партиско-експертските тимови со датум за предвремени избори. Потоа малку ми олесна кога слушнав дека доколку не се прифати разговорот за предвремени избори, ВМРО ќе предложи мерки кои до сега не се видени на македонската политичка сцена. Си велам добро е, овие триесет години видовме блокада на Собрание, блокада на институции, протести, шатори пред влада и пред Собрание, видовме насилни упади во Собрание и влада, коли кои со звучници пропагираат низ градот, пуштање на прислушувани разговори на плоштади, улици и по паркови, протести и контра протести.

Си велам сигурно ова ќе излезе од таа мачо-политичка матрица и за прв пат на граѓаните ќе им се прикаже едно модерно политичко дејствување кое уште повеќе ќе ја зголеми предноста на опозицијата во однос на власта. Со нетрпение чекав да видам што е тоа, да слушнам нешто инвентивно и прогресивно, нешто позитивно и нормално, нешто што ќе ја направи и прикаже разликата. И тогаш, туш. ВМРО ќе го блокира Собранието, со цел да ги притисне СДСМ да одат на предвремени избори. Не знам дали ќе се согласите, но мислам дека дали ќе има предвремени избори или нема, не зависи од СДСМ, туку од ДУИ. Тие ќе одлучат кога ќе има предвремени избори. Шансата СДСМ и ВМРО самостојно да изгласаат распуштање на парламентот се мали, од причина што Македонците се меѓусебно екстремно антагонизирани.

Инаку, нашето Собрание согласно Уставот и Деловникот е во постојано заседание, освен кога не е и кога е блокирано. Или уште поточно, нашето собрание е во постојана блокада, освен кога не е!

Пленарната сала на македонското Собрание
Пленарната сала на македонското Собрание

Лош преседан 

Искуството во политиката ме научило дека не може и никогаш нема да може, не во Македонија туку никаде во светов, правењето криза во државата да се исплати на следните избори. Особено не кога водиш на анкетите. Пред некој погрешно да заклучи веднаш да потенцирам, не, тоа не му успеа на СДСМ на изборите во 2016, бидејќи тогаш загубија, а дојдоа на власт како резултат на наши грешки после изборите, да не речам во 90-та минута.

Дополнителен аргумент дека не треба да се прибегнува кон блокада на Собранието е што тоа ќе стане лоша пракса на секоја опозиција. И во следниот парламентарен состав ќе има опозициони пратеници кои доколку вака решат, повторно ќе го блокираат Собранието од овие или оние причини. Еве, да претпоставиме дека на следните парламентарни избори ќе победи ВМРО со 61 пратеник. Тоа сепак ќе значи дека ќе има над 30 пратеника од СДСМ кои слободно, ќе можат целосно да го блокираат Собранието и да не може ниту еден закон да се донесе. Или пак истово ќе може да го направи и само еден пратеник од некоја мала и не толку важна партија. Затоа велам, ова е лош преседан.

Од аспект на политичка комуникација, наративот се што е штетно ќе блокираме, мислам дека не е најсоодветен, бидејќи алудира на тоа дека до сега се што било штетно било премолчено или дозволено од опозицијата.

Ова не го пишувам да нервирам некого или да му помогнам на СДСМ како што можеби некој ќе сака да го пласира, туку го пишувам, бидејќи се плашам дека деструктивното политичко делување може да нанесе штета.

Ова бидејќи со ветувањето дека ВМРО ќе предложи нешто инвентивно и невидено ги сврте сите рефлектори кон себе. Сите ги начулија ушите и ги фиксираа погледите. И што следеше? Најава за продлабочена политичка криза.

Блокада со работа 

Верувајте, она што ќе се постигне со блокада на Собранието и секојдневни партиски препукувања, плукања и навреди ќе предизвика дополнителна апатија, а не прелевање на чашата. Апатијата царува долго време, ги држи неопределените гласачи дома, а тоа оди во полза на власта. Од друга страна, со правењето на она што СДСМ го правеа и ВМРО станува како нив. Ако ВМРО сака да покаже дека не се сите политичари и партии исти,  тогаш не треба да го прави истото што СДСМ претходно го правеле.

Не велам да не се инсистира на предвремени избори, напротив, но предлагам  активната блокада на Собранието да се дефинира поинаку и да значи дека секоја недела ВМРО ќе предлага по два до три закони кои се во интерес на граѓаните. Секоја недела да предлага „сослушување” на министер во Собранието и секој месец да бара расправа во Собранието за една тема која е од интерес за граѓаните. ВМРО да го користи Собранието како своја арена, како да игра дома, а СДСМ да е на гости.

Преку активна блокада ВМРО да го „блокира“ Собранието со работа. Да ги присили пратениците да работат секој ден, по цел ден. Може да формира и влада во сенка која ќе и дише во врат на владата на СДСМ и ДУИ и која секој ден ќе ги вади на виделина грешките на ДУИ и СДСМ или пак безусловно да ги понуди партиско-експертските тимови кои ќе и помогнат на државата да се справи со кризата.

Овој предлог мислам дека е подобар и од причина што г-дин Радев кажа дека Бугарија е под невиден меѓународен притисок за решавање на спорот со Македонија со цел деблокирање на нашиот европски пат. Со креирање на силна политичка криза и тензија, се плашам дека ќе му се помогне на г-дин Радев, но и на сите оние кои сакаат да ја држат Македонија на вечната станица наречена Западен Балкан. Со ова дополнително ќе се влошат односите со меѓународната заедница, која за волја на вистината секогаш била против блокада на Собранието. 

На крај би сакал јавно да ја поздравам одлуката на Вселенската патријаршија. Ова е уште еден многу позитивен чекор во правец на конечното затварање на македонското прашање.

Никола Тодоров
извор: ДВ

Back to top button
Close