Активни 2.735 случаи со КОВИД, се очекува спласнување на скопското жариште

Во земјава се активни 2.735 случаи на заболени со Ковид-19, од кои најголем број се во Скопје, односно 1.593. Во главниот град заклучно со вчера најмногу активни случаи има во Чаир – 352, а по околу 100 случаи има во уште шест скопски општини: Аеродром – 127, Бутел – 117, Гази Баба – 128, Центар – 123, Карпош – 108, Сарај – 109. Од почетокот на епидемијата регистрирани се 4.820 заразени, а починаа 222 лица.

Драстично зголемениот број на позитивни случаи на коронавирус, според министерот за здравство Венко Филипче  се должи на непочитување на воведените мерки. Сепак, како што потенцираше вчера, другите жаришта на КОВИД-19 во земјава, освен во Скопје, постепено спласнале, посочувајќи дека предвидувањата на епидемилозите се оти од следната недела и тоа жариште постепено ќе спласне.

– Предвидувањата на епидемиолозите, ова морам да го кажам со резерва, се дека следната недела, периодот што следи може да се очекува дека и скопското жариште постепено ќе спасне, рече министерот.

Оод 15 проценти од заболените од вирусот КОВИД-19 во земјава се на болничко лекување, дел се со полесни симптоми и на домашно лекување, а останатите се асимптоматски случаи.

Според Филипче, асимптоматската трансмисија е една од најголемите слабости, не само во земјава, тука насекаде во светот.

– И затоа заземавме став да имаме една ваква агресивна стратегија, идентификување апсолутно на сите контакти на лица коишто имале претходно физички контакт со заболените лица со цел на време да бидат ставени во изолација, за тука да го пресечеме ланецот на пренос на инфекцијата и мислам дека во тоа успеавме, нагласи министерот за здравство.

Тој нагласи дека не постои ниту еден единствен анкетен епидемиолошки податок кој што укажува дека некој се заразил со корона вирусот ако ги почитувал мерките.

– Секаде каде што анализиравме и направивме увид или не се носеле маски или имало голем собир, со огромен број луѓе на мала дистанца, или дистанцата не се почитувала во рамките на некој семејни настани. Ова е уште еден показател дека за да се заштитиме е почитувањето на овие протоколи. Проблемот потекна од 15 до 20 семејства во Скопје, и останати 20 во други делови од Тетово и Куманово. Од тука се тие жаришта од кои 65 до 70 проценти се во рамки на овие кластери, а 30 проценти се контакти надвор од кластерите, рече министерот Филипче.

Огромен број случаи со КОВИД – 19 се дијагностицирани пост мортум и како што информира ресорниот министер брисеви се земени од лица кои починале во болница на денот на прием, после неуспешната реанимација, за да се знае дали биле носители на тој вирус или не, се со цел да имаат податоци како да пристапат со семејствата.

– Ниту една земја во светот тоа не го прави. Ние сметавме дека треба да бидеме чесни и да знаеме како да направиме добро за членовите на нивните членови, исто така за да ја знаеме вистинската епидемиолошка слика во нашата земја. За жал, има голем процен на лица кој доаѓат доцна во болница и смртен исход имат помеѓу првиот и петтиот ден. Доаѓаат со лоша клиничка слика, има и пациенти кои потпишале дека не сакат да се лекуваат во болница, па после доаѓат во крајните стадиуми на болеста и тука за жал не може повеќе да се постигне. Третина од починатите лица доаѓат доцна во болницата. Одговорно кажувам дека за секој пациент е апсолутно се направено, од анализи, до терапија и се друго, рече Филипче.

Како што најави Филипче, викендов ќе дискутираат за отворање на границите некаде од почетокот на следната недела без карантин и без Пи-си-ар тестирање, но оти засега нема да препорача отворање на градинките, додека за враќање на учениците од есен во училиштата интензивно ќе се работат протоколи.

– Претходната одлука беше одлука да се отворат сите затворени гранични премини со препораките што важат сега, но со оглед на тоа што во целиот регион епидемиолошкит ризик е еднаков, еве веќе се отвораат и аеродроми, се отвора цела Европа, насекаде во светот и секаде се препорачуваат истите мерки, секаде важат истите принципи на превенција, така што одлуката ќе биде да се отворат границите целосно, без карантини и без Пи-Си-Ар тестирање. Еве ќе носиме одлука и ќе дискутираме викендов некаде за почетокот на следната недела, рече Филипче.

Појасни дека се уште е рано да се отворат градинките, а целта е да се заштитат и постарите затоа што децата се преносители на вирусот.

– Можат да заболат со многу лесна форма меѓутоа ќе страдаат и постарите. Многу малку се деца и практично нема дете кое има тешка клиничка форма, но сметаме дека се уште е рано градинките да се отворат. Скринингот е при крај. Сега за сега нема да препорачам да се отворат градинките. Ќе ја следиме ситуацијата, бројките, анализата, контактите па ќе донесеме соодветна одлука, рече Филипче.

Тој најави дека ќе претстои интензивна работа на протоколите за училиштата во однос на тоа дали да работат со намален број ученици кои ќе престојуваат во училницата или во две смени, или со запазување колку што може во рамки на една училница исто како што сега се организираат настаните со курсеви, едукации и тн.

– За сето тоа постојат овие епидемиолошки принципи. Сметам дека треба да се запазат. Се повеќе се нудат онлајн програми не само кај нас, во светот, веројатно некаква таква комбинација на онлајн програми со физичко присуство во училниците ќе биде не само кај нас, насекаде во светот, наведе Филипче.

Back to top button
Close