Активни 7.275 случаи, шест ученици позитивни на вирусот

Бројот на активни ковид случаи во државава изнесува 7.275 од кои најголем број 3508 се во Скопје. Во Куманово има 424 активни случаи, во Битола 358, во Прилеп 336, во Велес 335, во Кавадарци 281, во Штип 236, во Кочани 198, во Охрид 191, во Тетово 170…

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа при направени се 3.029 тестирања регистрирани се нови 550 случаи со Ковид-19, 12 починати и 390 оздравени пациенти.

Министерството за здравство вчера соопшти дека од 1323 основци и средношколци досега опфатени со скринингот за откривање Ковид-19 во училиштата, вирусот бил потврден кај шест ученици во основното образование, а 1317 ученици биле негативни на тестот. Тестирани се 725 основци од прво до деветто одделение и 598 средношколци од подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид.

Од Министерството посочија дека ги објавуваат досега обработените податоци за првите денови од скринингот, кој го прават центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава. Тие постапуваат согласно донесениот алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот.

– За поголем дел од центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица. По обработката на податоците Министерството за здравство ќе ја објави целосната анлиза со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот КОВИД-19 меѓу учениците во училиштата, наведува Министерството за здравство.

Информира и дека во моментов активни на вирусот во земјава се 885 деца на возраст од 0 до 17 години. На Институтот за белодробни заболувања Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9 до 16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.

Според податоците од националниот систем „Мој термин“, досега во земјава 5800 деца на возраст од 12,13,14,15,16 и 17 години примиле една доза антиковид-вакцина, а ревакцинирани се 4860 малолетници.

Од Министерството информираа дека во текот на завчерашниот ден аплицирани се вкупно 3.838 дози вакцини, од кои 758 се аплицирани како прва доза, 787 се ревакцинирани, а 2 293 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 3 ноември вкупно се вакцинирани 807 528 граѓани, ревакцинирани се 778 482, а трета доза примиле 38 719 граѓани. Повеќе од половината или 54 отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 37 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина, наведуваат од Министерството за здарвство.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 204.416, бројот на оздравени пациенти е 189.947, а на починати е 7.194.

Од вчера преку страницата vakcinacija.mk почна и пријавувањето за вакцинација од сезонски грип. Со пополнување на формата, како што прецизираат од Министерството за здравство, заинтересираните се регистрираат за вакцинација директно во системот „Мој Термин“. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, по пат на СМС ќе добијат информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.

Од Министерството за здравство соопштија дека и годинава се набавени 40.000 бесплатни дози четиритипни вакцини против сезонски грип за ризичните групи. Овие вакцини, како што посочуваат, ќе можат да ги добијат стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.

-Вакциницијата против грип не штити од Ковид 19, но е многу значајна во услови на пандемија со Ковид 19 и влијанието на здравствениот систем. Во состојба на олабавување на рестриктивните мерки кога се враќаат социјалните контакти и патувањата се зголемува ризикот од ко-циркулација на Ковид-19 и грип. Со тоа може да очекуваме оптоварувањето од сезонскиот грип да биде надополнето со оптоварувањето од Ковид-19. Ризичните групи за грип се истите кои се под најголем ризик и од Ковид-19, поради што им се препорачува вакцинација против грип. На тој начин ќе се избегне и дополнително оптоварување на здравствениот систем, бидејќи лицата заболени од грип би се хоспитализирале во ковид – центрите, посочуваат од Министерството за здравство.

Back to top button
Close