Активни се 8. 415 случаи, нема нови рестриктивни мерки, излезот од кризата е вакцинацијата

Активни се 8. 415 случаи во државава од кои најголем број 3797 се во Скопје. Во Битола има 635 активни случаи, во Прилеп 401, во Куманово 379, во Кавадарци 363, во Велес 358, во Штип 264…

Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, при направени  3.296 тестирања регистрирани се нови 469 случаи со Ковид-19, 13 починати, 375 оздравени пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки. – Апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат, рече Филипче.

Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.

– Ние можеме да контролираме, но не може ниту една држава се да исконтролира. Затоа е свеста и совеста на граѓаните многу важна. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни, изјави Филипче.

Мерките, посочи Филипче, се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.

– Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот.

Филипче, исто така, посочи дека е намален процентот на луѓе кои се хоспитализираат од вкупниот број на нови дијагностицирани, споредено со претходните бранови кога тој процент бил околу десет, а сега е некаде меѓу пет и шест отсто.

 

 

Back to top button
Close