Актуелната администрација на Општина Центар сака да го ограничи движењето на возила во Дебар Маало за викенд
Актуелната администрација на скопската Општина Центар предводена од градоначалникот Горан Герасимовски изработила пилот-проект со кој се планира ограничување на движењето на возила во Дебар Маало за време на викендите.

Проектот предвидува Дебар Маало да биде затворено за сообраќај секој викенд, почнувајќи од петок во 18 часот до понеделник во 06 часот наутро. Во овој период, влезот на возила ќе биде контролирано ограничен преку поставување рампи на четири клучни локации – улиците „Орце Николов“, „Ленинова“, „29 Ноември“ и булеварот „Климент Охридски“.
Влез ќе биде дозволен исклучиво за жителите на Дебар Маало кои ќе добијат специјални дозволи (картички), додека за останатите граѓани ќе важи ограничување, односно ќе можат да влезат со возило, но само привремено, во рок од 15 минути, соопштија од Општина Центар.
Поддршка за ваквиот пилот-проект градоначалникот Герасимовски добил и од жители на општината за време средбата што со нив ја имаше што вчера (14 јуни) на плочникот кај Зелен пазар, а во рамките на карванот „Се гледаме во маало“.
„Оваа иницијатива има за цел да создаде побезбедна и поквалитетна животна средина за сите дебармаалци и центарци. Овој пилот-проект ќе го доставиме до Градот Скопје, а потоа и до СВР Скопје за конечна согласност. Со тоа ќе направиме важен чекор кон поголема безбедност, мир и повеќе простор за граѓаните во Дебар Маало“, рекол градоначалникот Горан Герасимовски, соопштија од Општина Центар.
Од Општината за порталот „Сакам да кажам“ изјавиле дека се предвидува да биде воведен и режим за движење на возила за дотур на роба. Камионите на добавувачите ќе смеат да влезат во Дебар Маало секој ден само од 7 до 9 часот.
Оттаму сметаат дека нема законски пречки за воведување на ваквото решение.
„Иако според Уставот е загарантирано правото на слободно движење, ние со ова решение не забрануваме движење бидејќи имаме рамка од 15 минути за влез и излез, само забрануваме паркирање. Сметаме дека проектот ќе биде одличен и потоа ќе може да го прошириме и кон Градски парк и во други делови од Општината“, рекле од Општина Центар за порталот.
Инаку, пилот-проектот на актуелната администрација на Општина Центар доаѓа на неполни четири месеци од локалните избори кои треба да се одржат во октомври.
Извор: 360 степени