Актуелната криза со водоснабдувањето во Дебреште е последица на лошото управување на Таравари, велат од Влен

Во партиско соопштение попладнево, партијата Влен изрази целосна солидарност со жителите на гостиварското село Дебреште, оценувајќи ја моменталната состојба со водата за пиење како скандалозна. Оттаму упатуваат апел до локалните институции и јавните претпријатија да го постават решавањето на овој егзистенцијален проблем како апсолутен приоритет и итно да преземат мерки за нормализирање на водоснабдувањето, нагласувајќи дека на граѓаните им се потребни резултати, а не оправдувања.
Според нив, актуелната криза е директна последица на долгогодишното лошо управување на поранешниот градоначалник Арбен Таравари при што го обвинија оти со години ја водел општината кон хаос, оставајќи ја во тешка состоба, со наталожени долгови и сериозни инфраструктурни проблеми, оти како што велат оттаму, неговата лична политичка кариера му била поважна од потребите на граѓаните.
„Затоа се поставува прашањето: зошто Арбен Таравари не излезе да понесе одговорност за состојбата што самиот ја остави зад себе? Зошто го остава актуелниот градоначалник сам да се справува со проблемите, кога има само четири месеци мандат?“,
велат од Влен.
Од владејачката партија велат дека тие веќе го поддржале Гостивар со над 50 конкретни проекти, докажувајќи дека на градот и на граѓаните им се потребни реални решенија, а не континуирано бегање од одговорноста.
Инаку, поради недостиг на вода, вчера жителите на селото Дебреше излегоа на протест пред Општина Гостивар, а според информациите што ги пренесоа локалните медиуми, протестот ескалирал со турканици и скршено стакло на влезната врата од општинската зграда.






