Албанија го загуби случајот со италјанскиот бизнисмен Бечети, треба да му плати отштета од 110 милиони евра

– Албанија го загуби судскиот спор против италијанскиот претприемач Франческо Бечети, во врска со обештетувањето што го побара за затворањето на телевизијата „Агон чанел“ во 2015 година.

Земјата сега е обврзана на сопственкот Бечети да му исплати отштета во износ од 110 милиони евра, што е највисока казна во историјата на албанската држава изречена од арбитражен суд.

Меѓународниот центар за решавање на инвестициски недоразбирања (ICSID), што е Арбитражен суд и е дел од Светска банка, во април 2019 година ја казни Албанија со 110 милиони евра, со образложение дека затворањето на телевизјата „Агон чанел“ е „политички мотивирано“.

Откако албанската Влада ја обжали одлуката, Меѓународниот арбитражен суд во Вашингтон го суспендираше извршувањето на казната по што во август 2019 година ICSID предметот го зеде на повторно разгледување.

Наместо четворица британски адвокати, кои претходно ја затстапуваа Албанија, во жалбената постапка ја застапуваа американското адвокатско друштво Фолеј Хог (Foley Hoag) едно од најпознатите во светот за одбрана на државите во судски спорови.

Наспроти нив, италијанскиот претприемач Бечети го застапуваа две големи адвокатски фирми „ Debevoise & Plimpton“ со седиште во Њујорк и „Quinn Emanuel Urquhart & Sullivan“, со седиште во Париз и Њујорк.

Според медиумите отштетата што Албанија треба да му ја плати на италијанскиот бизнисмен е еквивалентна на социјалната помош за три години што им се дава на најранливите категории граѓани или еден процент од БДП на земјата.

Бизнисменот Бечети, албанските власти го товареа дека наводно испрал 39 милиони евра во Албанија, за што Обвинителството во јуни 2015 година поднесе обвинение.

Налогот за негово апсење не се реализира бидејќи тој не беше во Албанија. Во меѓувреме, заедно со телевизијата „Агон чанел“, му беа запленети четири други компании во негова или сопственост на неговата мајка. Компаниите во рок од осум години, според Обвинителството, меѓу себе си префрлале милионски суми пари.

Обвинителството тогаш потврди дека истрагата започнала во 2014 година за кривични дела перење пари, затајување данок и фалсификување документи.

Back to top button
Close