„Албанија не е на продажба“, масовен протест во Тирана против проектот на Кушнер

Илјадници Албанци излегоа на улиците на главниот град Тирана во досега најголемиот протест против изградбата на луксузен туристички комплекс зад кој стои зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, пренесува Ел Џазира.
Демонстрантите во средата носеа транспаренти со пораки „Албанија не е на продажба“ и извикуваа „Нова Албанија“ пред кабинетот на премиерот Еди Рама, додека колоната протестанти се протегала речиси еден километар по една од главните градски булеварски сообраќајници.
Проектот, чија вредност се проценува на околу 5 милијарди евра, предизвика силни реакции бидејќи е планиран во близина на заштитено мочуриште кое претставува живеалиште на фламинга, фоки и морски желки.
Протестите започнаа во селото Звернец на јужниот брег на Албанија, каде што е предвидена изградбата на комплексот. Движењето доби назив „Револуција на фламингата“, според заштитеното мочуриште кое служи како миграциска станица за овие птици.
Премиерот Еди Рама ги отфрли критиките поврзани со животната средина, наведувајќи дека ќе биде спроведена проценка на влијанието врз животната средина и дека проектот ќе се реализира одговорно.
„Многу сме горди на тоа што го направивме за дивиот свет во Албанија, Европската комисија нема причина да се сомнева во нашата цврста определба да го заштитиме сето она што треба да биде заштитено кога станува збор за природата и дивиот свет“, рече Рама.
Европската Унија, која најави дека Албанија и другите земји од Западен Балкан би можеле да станат членки до 2030 година, предупреди дека усогласувањето со европското еколошко законодавство ќе биде услов за членство.
Протестите претставуваат нов предизвик за Рама, кој е на власт од 2013 година. Дел од граѓаните го обвинуваат дека не успеал да се справи со корупцијата и да ги подобри клучните јавни услуги, како здравството.
Рама тврди дека презел чекори во борбата против корупцијата преку формирање специјално обвинителство кое покренало повеќе истраги против високи функционери.
„Тука сум за да протестирам и да ставиме крај на оваа сага на албанската влада. Секогаш се истите две партии. Сакаме нова ера. Сакаме подобра држава“, изјави демонстрантот Фабио Брачај за Ројтерс.
И покрај протестите, Рама порача дека проектот ќе продолжи да се реализира.






