Албанскиот премиер му одговори на Фараж: Покажете ги фактите
Албанскиот премиер Еди Рама преку објава на X реагираше на изјавата на британскиот пратеник и реформатор за Брегзит, Најџел Фараж, кој изјави дека Албанците во Велика Британија се клучни играчи во криминалот, тврдејќи дека секој 50-ти Албанец на англиска територија е во затвор и побара од Албанија „да си ги земе нејзините криминалци назад“.
„Упс … Самиот г-дин Најџел Фараж ме предизвика врз основа на фактите! Каква чест за еден „џин“, како што ме опиша (имајќи предвид, се разбира, дека доаѓам од „мала земја“) да го привлече вниманието на неоспорниот мајстор на политиката на насловните страници во Британија“, напиша Рама.
Тој го предизвикува британскиот пратеник на пресметка на реални бројки, нагласувајќи дека тврдењето на Фараж е преувеличено, додека ветува дека ако „секој 50-Албанец“ во Велика Британија навистина е во затвор, тогаш ќе ги земе сите во Албанија.
Исто така, додава, дека доколку изјавата на британскиот политичар „не е вистинита, Фараж ќе биде добредојден да ја посети Албанија“.
„И сè што ќе побарам од вас за возврат е мало, едноставно ветување: следниот пат кога некој ќе ги клевети Албанците, вие ќе бидете првиот што ќе им каже да престанат“, додава Рама.
Фараж реагираше откако Рама, во интервју за „Гардијан“ упати критики на сметка на политиката на Велика Британија поради депортирање во трети земји на луѓе чии барања за азил се одбиени.
Тој ја обвини владата на британскиот премиер Кир Стармер дека бара „центри за притвор на имигранти“ со тоа што врши притисок за „центри за враќање“ во трети земји за сместување на одбиените баратели на азил.