Албанските обвинители бараат апсење на 20 лица, во истрагата се споменува и проект поврзан со семејството на Трамп

Албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) побара апсење на 20 лица во рамки на истрага за меѓународна трговија со кокаин и перење пари, додека дел од медиумите објавуваат дека некои од осомничените би можеле да бидат поврзани со контроверзен туристички проект зад кој стојат Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.
Од СПАК соопштија дека истрагата открила активности насочени кон прикривање на потеклото на имот и интегрирање на нелегално стекнати средства во легалната економија.
До саботата биле уапсени четири лица, иако обвинителството побарало мерки за вкупно 20 осомничени.
Во рамки на постапката, судовите одобриле превентивна заплена на имот и средства вредни над 128,4 милиони евра.
Според обвинителството, предмет на истрагата се повеќе недвижности и градежни проекти во Тирана, Паласа, Химара и други крајбрежни подрачја.
Во соопштението не се споменува директно туристичкиот проект во Звернец, но албански и меѓународни медиуми наведуваат дека компанијата означена со иницијалите „A…L…D… Sh.a.“ најверојатно е „Albania Land Development“, фирма која според јавно достапните податоци купила значителни површини земјиште токму во областа каде е планиран луксузниот туристички комплекс.
Проектот во Звернец и на островот Сазан во последните недели предизвика масовни протести во Албанија. Илјадници граѓани секоја вечер излегуваат на улиците во Тирана барајќи стопирање на изградбата и оставка од премиерот Еди Рама.
Во неодамнешно интервју, Иванка Трамп го опиша проектот како развој на туристички комплекс на полуостров со осум километри крајбрежје, сместен спроти островот Сазан.
Засега од СПАК нема официјална потврда за директна поврзаност меѓу истрагата и туристичкиот проект, а истрагата продолжува, објави Скопје1.мк






