Албанското собрание усвои декларација за невиност на поранешните водачи на ОВК

Албанското собрание со 92 гласа „за“ усвои декларација „за невиноста на лидерите на Ослободителната војска на Косово“ за кои Специјалниот суд во Хаг побара по 45 години затвор, во која посебно се нагласува дека „нивната војна била праведна“.

„Имајќи ја предвид историската вистина за војната на ОВК, Собранието на Албанија, нагласи дека оваа армија била легитимно ослободително движење, кое се борело за човекови права. Со загриженост забележува дека барањето на Специјалното обвинителство ризикува да создаде опасно искривување на историјата, изедначувајќи ја легитимната борба на еден народ за опстанок и слобода, со злосторствата на српскиот режим, кој изврши етничко чистење и злосторства против човештвото врз народот во Косово, стои во декларација, објави Топ чанел.

Албанското собрание ја нагласува својата целосна и безусловна поддршка за лидерите на ОВК, кои „беа и остануваат претставници на аспирациите и правата на народот на Косово за слобода и самоопределување“, додавајќи дека  „нивната борба беше праведна, заснована на универзалните принципи на човековите права“.

„Бара од Специјализираните совети во Хаг, меѓународната заедница и меѓународните правосудни институции да ја прогласат невиноста на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селим, преку фер и непристрасен процес што го почитува и не го нарушува достоинството на ослободителната борба на народот на Косово. Ја потсетува меѓународната заедница дека војната на ОВК се одвиваше во услови кога режимот на Милошевиќ вршеше етничко чистење и геноцидни акти врз цивилното население на Косово и дека интервенцијата на НАТО во 1999 година ја потврди легитимноста на таа војна и криминалната природа на режимот на Милошевиќ, се наведува понатаму во декларацијата.

Албанското собрание изразува целосна солидарност со народот во Косово и семејствата на лидерите на ОВК, повторувајќи дека албанската нација е обединета во одбраната на историската вистина и достоинството на борбата за слобода.

Во документот се посочува посветеноста за преземање неопходен дипломатски и политички чекор на меѓународните форуми за да се „осигури дека историската вистина за војната на ОВК нема да биде нарушена и дека правдата ќе биде праведно спроведена“.

Декларација беше предложена од координаторот на пратеничката група на владејачката социјалистичка партија, Таулант Бала, чиј лидер и актуелен премиер во реакцијата по веста дека се бара затворска казна, тоа го оцени како „неразумно и неприфатливо барање“ а хашкиот обвинител Метју Хаулинг го нарече „меѓународен идиот“.

Back to top button
Close