Албин Курти доаѓа во Тетово и Чаир, Касами ќе му организира журка на плоштад, Меџити ќе му ја престави новата партија

Косовскиот премиер Албин Курти во петок ќе им биде гостин на градоначалниците на Тетово и на Чаир, Биљал Касами и Висар Ганиу. Според агендата, Курти најпрво ќе пристигне во Тетово.

Неговиот домаќин веќе ги започнал подготовките за конкретните активности кои се предвидени за пречек на гостинот. Откако ќе се сретнат и ќе разговараат во општината, Касами и Курти ќе го посетат селото Вејце, каде според најавите ќе ја промовираат идејата за поврзување на Тетово и Призрен со регионален пат.

Потоа, на централниот плоштад Илирија ќе се одржи културно забавна манифестација посветена на доаѓањето на косовскиот премиер во Тетово. На овој настан, како што информираат од Кабинетот на Курти, ќе учествуваат повеќе актери и музичари, а свој настап ќе има и познатиот бенд „Елита-5“.

Во Чаир, премиерот на Косово, Албин Курти е предвидено да се сретне со градоначалникот Висар Ганиу, но и со „огнениот“ Изет Меџити, оснивач на новата политичка партија „Демократско движење“. Со Ганиу ќе ја отворат улицата која го носи името на албански патриот и деец Адем Демачи, додека со Меџити ќе разговараат за политичките случувања во земјава, со акцент на активностите кои ги предвидува политичката партија која по заминувањето од ДУИ ја формира нивниот поранешен потпретседател.

Back to top button
Close