АЛДЕ: Го поддржуваме францускиот предлог, прифаќајќи ги идентитетот и јазикот на Македонците

Среќни сме што ги гледаме најновите случувања, го поддржуваме францускиот предлог, прифаќајќи ги идентитетот и јазикот на Македонците, велат од партијата на европските либерали и демократи каде членува и ЛДП која е дел од владината коалиција во земјата

Го поддржуваме францускиот предлог, прифаќајќи ги идентитетот и јазикот на Македонците, порачуваат од Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ).

Европските либерали и демократи пораката ја испраќаат преку Твитер порачувајќи дека Северна Македонија веднаш треба да ги почне преговорите односно да се даде поддршка за францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија.

„Местото на Северна Македонија е во Европската Унија и пристапните преговори треба да започнат веднаш. Среќни сме што ги гледаме најновите случувања, го поддржуваме францускиот предлог, прифаќајќи ги идентитетот и јазикот на Македонците. Заедно сме посилни“,порачуваат од АЛДЕ.

АЛДЕ е европската партија во која членува Либерално-демократската партија (ЛДП) предводена од Горан Милевски, кој е еден од коалициските партнери во актуелната влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Во врска со францускиот предлог, како што е познато, претставници на ЛДП како и на ДОМ и Демократскиот сојуз вчера имале средба со Ковачевски на која му порачале дека за нив е неприфатливо билатералните прашања врзани за историјата и образованието бидат дел од преговарачкиот процес. Претставници на овие партии, дел од владината коалиција, вечерва се сретнаа и со претседателот Стево Пендаровски.

Откако вчера се одржа седница на Советот за безбедност, шефот на државата рече дека за него модифицираниот француски предлог е прифатлив. Меѓутоа, на седницата Пендаровски побарал и доколку Владата го прифат предлогот, да донесе и заклучоци дека ако се појават дополнителни барања од Бугарија да се откажеме од идејата за членство во ЕУ.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close