Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ е тајниот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ за кој Обвинителство ја прошири истрагата
Александар Нацев од ВМРО – ДПМНЕ е сопственикот во позадина на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ за кого е проширена истрата на Јавното обвинителство за пожарот во Кочани, неофицијално дознава „Фокус“.
Веќе подолг период Фокус ја обработува оваа тема, во која во неколку наврати потврдивме дека тој е сопственикот на Агенцијата за обезбедување, која ја обезбедуваше дискотеката „Пулс“ во кога починаа 62 млади лица и 200 беа повредени.
Во прилог целото соопштение на Обвинителство:
Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје.
Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.
Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица.
Врз основа на судска наредба вчера беше извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што беше одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.
Нацев на 16 март излезе со информација дека нема никаква негова поврзаност со трагедијата
„Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, напиша Нацев.
Нацев е ексдиректор на Дирекцијата за класифицирани информации од 2015 до 2017 година, кога со Владата раководеше ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Важеше и за истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, од чија говорница држеше и прес-конференции. Нацев e и извршен директор на ЦБИ и Декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот Универзитет во Скопје.
извор фокус и скопје1