Александрополис и „тројното ценкање”

 

(Катимерини)

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изгледа е опседнат со северното грчко пристаниште Александрополис. Тој е бесен поради американското присуство во ова стратешко пристаниште и сфаќа дека тоа им служи на интересите на САД во однос на Русија во овој критичен момент. Исто така, се чини дека тој има впечаток оти Грција верува дека тоа и дава одредена заштита од турската агресија. И колку повеќе расте и се проширува американското присуство, толку ќе се зголемува и гневот на Ердоган. Исто така, веројатно е уште повеќе да ескалира кога Анкара ќе види дека американските воени бродови се почесто го користат пристаништето во Александропoлис.

Ердоган во жестоките преговори со администрацијата на Бајден веројатно ќе се обиде да го стави и Александрополис на преговарачка маса. Тој може да се обиде да ги убеди Американците дека тоа е важно прашање во тензиите меѓу Турција и Грција и дека САД се виновни за тоа. Меѓутоа, САД немаат намера да му удоволат.

Во меѓувреме, Турција ќе продолжи да инсистира на тоа да ја надгради својата флота борбени авиони Ф-16, иако неодамнешните остри коментари на Ердоган не придонесуваат ништо за да го помогнат нејзиниот случај. Тој всушност ги плаши сите кои се вклучени во турските и регионалните прашања, како во американскиот Конгрес, така и во владата, па оттука и неодамнешната промена на тонот од Стејт департментот, чие последно прекорување на Турција ги доближи САД до европските позиции за ова прашање.

Меѓутоа, бидејќи администрацијата на Бајден, сепак, ќе се обиде да постигне договор за Ф-16, се чини дека дојде разбирање меѓу Атина и Вашингтон за кое досега се разговара само зад затворени врати. А тоа е идејата дека Турција ќе го добие она на што има „право” во однос на опремата, но САД ќе се погрижат Грција да биде снабдена со системи на оружје што и даваат квалитативна предност. Турците ќе ги добијат своите надградби на Ф-16, но Грција ќе оди чекор понатаму, барајќи понапредна опрема што ќе и даде тактичка предност. Во основа, тоа е варијација на формулата за одбранбено снабдување 7:10 кон Грција и Турција, на која Анкара се согласи како услов за укинување на ембаргото воведено од Конгресот по инвазијата на Кипар.

Оваа формула може да ги задоволи грчките интереси – според искусни воени офицери – иако тоа е многу скапо решение кое веројатно сега нема да биде покриено со американски ресурси.

Како и да е, „тројното ценкање” веќе започна и сигурно ќе има многу нови случувања како што Турција се приближува до општите избори./

Back to top button
Close