Алексеј Навални – модерниот руски маченик

Христијанските маченици се слават поради нивниот подвиг. Со својата смрт тие сведочат дека смртта не е посилна од животот, односно дека злото не е посилно од доброто. Затоа што нивниот пример е Христос и неговата смрт на Крстот. Затоа тираните не ги сакаат храбрите борци за правда, бидејќи тие со храбрата смрт за другите стануваат почитувани маченици, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Историјата нѐ учи дека мртвите херои често се поопасни за тираните од живите. Тоа го потврди и смртта на Алексеј Навални, секогаш насмеаниот критичар на режимот на Владимир Путин. Тој не престана да го разобличува режимот во Кремљ ниту по смртта. Тој, пак, со неговата смрт како да се „заплетка“ во сопствената драматургија. Тоа уште еднаш покажа дека автократите се лоши драматурзи. Не само со тоа што на мајка му, која отиде во Сибир, не ѝ беше дозволено да го види мртвиот син. Туку и со тоа што долго не се знаеше дали ќе им биде дозволено да го погребат. За „стравот“ на власта од мртвиот Навални говореше и тоа што до последниот миг „не се најде“ просторија за комеморација. Сите одеднаш беа зафатени. Власта стравуваше од тоа комеморацијата да се претвори во граѓански протест. Неизвесно беше дали ќе се најде за погребот смел свештеник и во која црква. Кога се најде свештеник во црквата во Марјино, населбата со социјалистички згради како во скопски Карпош, каде што Навални пораснал, полицијата го огради со метални огради целиот кварт околу црквата. Тоа не ги спречи десетиците илјади луѓе да тргнат во поворка долга неколку километри, за да се простат од него.

Млади и стари стоеја трпеливо во редицата, со цвеќиња в раце. Сѐ додека не се појави возилото со ковчегот на Алексеј Навални. Од тој миг почна да се одигрува незамисливото не само за власта, туку сигурно и за многу исплашени руски граѓани. Поворката го извикуваше името Навални, но и „Путин-убиец“ и „Путин во Хаг“.

Зборови со сила да поместат планини

Сигурно откако Русија ја нападна Украина немало толку гласен хор од граѓани кои во Москва извикуваа „не за војната“ и „Путин-убиец“. Дека „мисијата“ на Навални почна да се остварува сведочеа извиците: „Ти не се плашеше и ние не се плашиме“. Стравот на власта стана уште повидлив кога, по погребот, полицијата го затвори влезот во гробиштата. Пред него остана огромниот број граѓани кои сакаа да се простат од починатиот на гробот. Тие потоа долго извикуваа: „Пуштете нѐ да се простиме!” Гробот на Навални на Борисовските гробишта крај Москва само три дена по погребението стана место за поклонение. Крстот на неговиот гроб не се гледа. Тој е покриен од рид од цвеќиња. Луѓето ги фрлаат цвеќињата и преку затворената ограда.

Ова што се случува на гробот на Навални е јасен одговор на честото прашање: „Зошто ризикувал да се врати во Русија, кога знаел дека таму ќе го убијат?“ Тој очигледно се вратил надевајќи се дека ќе се случи тоа што се случи по неговата смрт и за што сведок стана целиот свет. Навални ги охрабри со својата смрт сите руски критички интелектуалци и уметници, кои по војната во Украина ја напуштија Русија. Многу од нив на своите профили на Фејсбук сведочеа колку жалат што не се и тие во поворката зад оградите, која полека се движеше кон црквата. Навални знаел дека тој само зад решетките, дури и во смртта, можеше на својата Русија, за чија слобода сонувал, да ѝ каже: „Јас не се плашам, не плашете се и вие!“ Во авторитарните режими овие зборови имаат сила да поместат планини. Против нив се борат сите диктатори, стари и нови. Силата на овие зборови е стара колку и нашата ера. Тие се Христовите зборови во Евангелието.

Back to top button
Close