Ален Деребан, заменик министер за правда: Oчекуваме Артан Груби во брзо време да биде лишен од слобода
Нема никакво мешање на политиката во судската власт, туку напротив, станува збор за департизација на Судскиот совет и на правосудните органи, вели во разговор за Гласот на Америка, заменик министерот за правда, Ален Деребан.
Во постојана комуникација сме со министерствата за правда од соседните држави и очекуваме истиот (Артан Груби н.з.) во брзо време да биде лишен од слобода или лоциран, по што ќе ги преземеме сите мерки за екстрадиција во Република Македонија. Тоа во разговор за Гласот на Америка го истакна Ален Деребан, заменик министер за правда.
Глас на Америка: Господине Деребан, сè погласни се барањата на актуелната власт, чијшто дел сте и вие, за колективна оставка на Судскиот совет и разрешување на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Дали сметате дека тоа ќе ја врати довербата во правосудството која изнесува само 2 отсто?
Во заблуда сме ако сметаме дека барањата за оставка на членовите на Судскиот совет и на јавниот обвинител, доаѓаат само од извршната власт. Тие барања потекнуваат и од граѓаните, судиите, јавните обвинители, адвокатите, правосудната фела и тие барања се сосема легитимни и повеќе од оправдани.