Алијанса денеска ги избира раководните органи на партијата, ќе одлучи ли и за влез во Владата?

Централното собрание на Алијанса за Албанците денеска ќе ги избира раководните органи на партијата откако пред околу еден месец на вонреден конгрес Арбен Таравари беше избран за претседател, функција која околу три месеци ја извршуваше како в.д. откако претходниот лидер Зијадин Села си поднесе оставка.

Централното собрание се очекува да почне околу 12 часот, а ќе се одржи во Куманово. Покрај избор на ново раководство, очекувањата се партијата денеска да расправа и за евентуален влез во Владата.

Ова прашање деновиве е во фокусот на јавноста, а во дел од медиумите се појавија и информации за распределбата на ресори односно министерства со кои би можеле да раководат кадри на Алијанса за Албанците.

Дека има разговори не негираат ниту од партијата ниту од Владата. Во вчерашната изјава за медиумите, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека со Алијанса сè уште нема разговори за кадровски прашања.

„Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политичка и втората е кадровска и за такви сè уште нема конкретни разговори“, изјави премиерот.

И шефот на дипломатијата Бујар Османи зборуваше на оваа тема велејќи дека разговорите за влез на Алијанса во Владата продолжуваат, но не сакаше да прејудицира како ќе завршат.

„Каков ќе биде исходот и текот на тие разговори не можам да кажам, меѓутоа мислам дека граѓаните очекуваат од нас барем една година од нашиот политички живот да ги тргнеме партиско-политичките интереси настрана, да седнеме и да кажеме дека оваа година е одлучувачка за наредните децении. Ќе седнеме во влада или надвор од влада и ќе ги донесеме тие одлуки. Сметам дека тој политички момент е созреан и би било во интерес на европската перспектива и на граѓаните тој заеднички план да се случи“, рече Османи.

 

Back to top button
Close