Алијанса е против обвинителот Џелал Бајрами да ја води Комисијата за следење изборни нерегуларности

Според Алијанса на Албанците, поранешниот заменик-министер за внатрешни работи бил „асистент на Јанкулоска“, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Алијанса за Албанците денеска упати реакција затоа што обвинителот Џелал Бајрами, поранешен член на Владата, од редовите на ДУИ, е поставен за претседател на Комисијата што ја формира јавното обвинителство за следење на изборни нерегуларности, во текот на кампањата и за време на гласањето на 17 октомври, а потоа и на 31 октомври.

Со оглед на тоа што Бајрами едно време беше министер за труд и социјала во владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а потоа заменик-министер за внатрешни работи, од Алијанса реагираат дека „асистентот на Гордана Јанкулоска не може да биде тој што ќе ги истражува изборните нерегуларности“.

„Обвинителството има воспоставено привремена комисија за следење на изборните нерегуларности, предводена од поранешниот заменик-министер за внатрешни работи, Џелал Бајрами, кој стана познат како асистент на Јанкулоска во политички монтираниот случај ‘Монструм’. Сите бевме сведоци за тоа како беа избирани судиите и обвинителите за време на “тефтерите“ на Јанкулоска. Назначувањето на врвот на комисијата кадар што е целосно партиска личност, а кој би требало да биде независен, многу јасно укажува за намерата на хибридниот режим да манипулира со изборите. Ги информираме дека ние ќе ги следиме во секој чекор, секоја манипулација и секоја намера за крадење на гласовите од нивна страна -се наведува во реакцијата на Алијанса за Албанците.

Обвинителот Бајрами и на ланските предвремени парламентарни избори ја предводеше привремената комисија за испитување изборни нерегуларности што ја формираше Обвинителството.

Алијансата за Албанците, пак, на годинешниве локални избори, освен со Алтернатива, настапува и во соработка со опозициската ВМРО-ДПМНЕ во општините со мешан етнички состав.

 

Back to top button
Close