Алијанса за Албанците објави за што ќе се залага при влез во Владата


Декларацијата се состои од пет точки и тоа Владеење на правото и борбата против корупцијата, Држава за сите, Рамноправен економски и територијален развој, Развојна држава и зелена енергија и Здрава популација. Овие пет точки, велат од АА, ќе бидат камен-темелник во работата на партијата во рамките на владината коалиција
Со членство во Владата, Алијанса за Албанците потенцира дека ќе се залага за максимална посветеност за остварување на стратешката државна цел: полноправно членство во Европската Унија, како и за поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи. Една од нивните заложби се и слободни и демократски избори и сеопфатна реформа на изборното законодавство пред следните избори, вклучително и ажурирање на избирачкиот список
Алијанса за Албанците (АА) денеска презентираше за што ќе се залага при влез во Владата.

Партијата објави Декларација за владините одредби која е договорена меѓу лидерот на АА, Арбен Таравари и премиерот Димитар Ковачевски. Декларацијата се состои од пет точки, поделени во 22 конкретни заложби, кои, како што велат од Алијанса, ќе бидат камен-темелник во работата на партијата во рамките на владината коалиција.

„Приклучувањето на Алијанса за Албанците во Владата се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството, во време кога Северна Македонија се соочува со голем број на кризи, коишто сите ја одредуваат прозападната ориентација на земјата. Алијанса за Албанците ја презема одговорноста како државотворна партија, убедена дека со искреност и чистота, со транспарентност и демократија ќе произведеме вредности и резултати, за доброто на граѓаните и за доброто на економијата, демократијата и правдата во Северна Македонија“,

се наведува во соопштението испратено од Алијанса за Албанците.
1. Владеење на правото и борбата против корупцијата
Ова е првата од петте конкретни точки за кои Алијанса за Албанците вели дека ќе се залага со нејзиното членство во Владата. Главните приоритети на партијата во оваа насока се градење на независно, ефективно и правично судство, владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупција, деполитизирана и меритократска администрација, како и вклучување на граѓаните во јавниот живот преку универзален пристап до информации. Во фокус на партијата ќе биде и почитувањето на човековите права, транспарентноста и слободата на медиумите.

„Нашите залагање се:
Закон за ветинг, базиран на најдобрите европски искуства,
Закон за Канцеларија за враќање на имот,
Унапредување на статусот на Академијата за судии и јавни обвинители,
Новиот закон за внатрешна јавна финансиска контрола,
Целосна имплементација на стратегијата за реформи во правосудството и подготовка на новата стратегија за реформи во правосудството 2023-2027 година,
Зголемување на инвестициите во буџетот за 2024 година за институциите надлежни за борба против корупцијата,
Промовирање на конфискација на криминални стекнати средства како стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа,
Целосно функционирање на автоматизираниот систем за управување со информации за судски предмети Создавање и функсионирање на Мрежата за координација против измами и подобрување на спречувањето, управувањето и пријавувањето на неправилностите кои ги засегаат фондовите на ЕУ“,

гласат заложбите на Алијанса за Албанците во првата точка – Владеење на правото и борбата против корупцијата.
2. Држава за сите
Негување и поттикнување на добри меѓуетнички односи, правична и соодветна застапеност во сите области од јавниот живот на граѓаните од сите заедници и елиминација на сите форми на дискриминација гласи втората од петте заложби на Алијанса за Албанците.

„Се залагаме за:
Закон за правилна и соодветна застапеност со кој ќе се утврдат посебните, процедуралните и институционалните мерки за постигнување пропорционално вработување и елиминирање на структурната дискриминација на сите нивоа и во сите други области од јавниот живот во Република Северна Македонија, како за заедниците, така и за родова застапеност и лица со посебни потреби,
Менување и дополнување на членови (меѓу другите, 3.3 и 19.3) од законот за вработените во јавниот сектор, Разгледување на правилата во законот за внатрешни работи кои дозволуваатисклучување на правилата од законот за вработените во јавниот сектор“,

гласат заложбите на Алијанса за Албанците во втората точка – Држава за сите.
3. Рамноправен економски и територијален развој
Вака гласи третата по ред точка која ја претстави Алијанса за Албанците како нејзина заложба при влезот во владејачкото мнозинство. Во оваа насока, од партијата велат оти се подготвени на неопходните реформи во транзицијата на економијата и финансиите. Како приоритети ги претставија финансиската децентрализација и правична распределба на јавните приходи, намалување на јазот меѓу регионите, поддршка на локалните претпријатија и иновациите. Велат дека ќе се залагаат и за зголемувањето на странските инвестиции и зголемувањето на ефикасноста на јавните претпријатија.

„Конкретните мерки на кои се залагаме се:
Изработка на нова рамка за финансирање на општините,
Трансформација на Бироата за еднаков регионален развој во Агенции, како и зголемување на буџетот за 2024 година на средствата за политиката за регионален развој,
Забрзување на реформите во областа на управувањето со јавните финансии, животната средина, транспортот, енергијата, дигиталното поврзување и пазарот на труд кои имаат високо влијание врз политиката за регионален развој,
Подобрување на таргетирањето на финансиската поддршка за ранливите семејства и компании,
Измена на Законот за технолошко-индустриски развојни зони“,

гласат мерките на Алијанса за Албанците во третата точка – Рамноправен економски и територијален развој.
4. Развојна држава и зелена енергија
Во насока на четвртата точка, Алијанса за Албанците вели дека ќе се залага за промоција и унапредување на развојната држава, заснована на заштита на животната средина, во одржливото земјоделство и енергетската транзиција.

„Се залагаме за:
Одобрување и спроведување на законот за енергетска ефикасност,
Создавање на фонд за енергетска ефикасност“,

се заложбите на АА во поглед на четвртата точка – Развојна држава и зелена енергија
5. Здрава популација
Во насока на заложбата за здрава популација, АА вели дека ќе подготви сеопфатни државни стратегии за здравствениот систем со цел, како што велат, зголемување на ефикасноста и подобрување на здравствената и медицинската услуга.

„Нашите примарни мерки се:
Зголемување на платите на медицинскиот персонал,
Промена и проширување на позитивната листа на лекови,
Промена на организацијата на примарниот, секундарниот и терцијарниот здравствен систем, со цел зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците“,

се конкретните мерки за кои АА ќе се залага во рамки на петтата точка – Здрава популација.
Со членство во Владата, Алијанса за Албанците потенцира дека ќе се залага за максимална посветеност за остварување на стратешката државна цел: полноправно членство во Европската Унија, како и за поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи. Една од нивните заложби се и слободни и демократски избори и сеопфатна реформа на изборното законодавство пред следните избори, вклучително и ажурирање на избирачкиот список.

Back to top button
Close