Алијанса за Албанците: Оставка од Груби и Рустеми и истрага за тендерот за коридорите 8 и 10

Алијанса за Албанците денеска побара оставка од вицепремиерот Артан Груби и директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми како одговорни за тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 кој го добила компанија со руски капитал.

-Конзорциумот избран за овој тендер беше предводен од Институтот ИГХ со седиште во Загреб, а во сопственост на руски олигарси блиски до владата на Владимир Путин и руската ФСБ. Кој стои зад конзорциумот предводен од Институтот ИГХ? Доволна е една обична посета на веб-страницата на компанијата за да се види дека надзорниот одбор на компанијата го сочинуваат тројца руски државјани: Сергеј Глијаделкин, Маријан Ткач и Игор Ткач. Претседател на раководниот одбор е Роберт Петросијан, уште еден поединец по потекло од поранешниот СССР, образован во Узбекистан и со долгогодишно искуство во водечки руски компании. Овие податоци се потврдени од Хрватскиот судски регистар, исто така јавно достапен. Подеталните истраги во хрватските медиуми покажуваат дека Сергеј Глијаделкин, Маријан и Игор Ткач биле во центарот на неколку корупциски скандали во Хрватска, во кои се вмешани високи владини претставници во врска со купување имоти во Загреб, јужна Франција и Женева, тврдат од АА.

Алијансата открива дека меѓународни извори содржат уште повознемирувачки информации за овие руски олигарси.

-Американскиот тинк-тенк Атлантски совет го нарекува Сергеј Глијаделкин како човек на ФСБ, наследник на КГБ. Според Атлантскиот совет, Глијаделкин го собрал своето богатство под заштита на најбогатата жена во Русија, Јелена Батурина, блиска до Путин и сопруга на поранешниот Градоначалник на Москва, Јуриј Лузхов. Понатаму, Атлантскиот совет вели дека Глијаделкин е близок со потесното опкружување на Путин и дека е соработник на Игор Чајка, синот на Јуриј Чајка, поранешниот јавен обвинител на Путин. Фирмата на Глијаделкин, Avenue Group, која е главен акционер во Институтот IGH, е меѓу главните изведувачи на руската влада. Според Атлантскиот совет, Глијаделкин е дел од пошироката стратегија на Кремљ за руска инфилтрација во Европа. Во текот на нашето истражување откривме и дека Маријан и Игор Ткач се братучеди на Глијаделкин. Нивниот брат Олег Поликарпович Ткач е сенатор од партијата на Путин. Ќерката на Олег Ткач долги години работела како помошник на Михаил Мишустин, актуелниот Премиер на Путин. Исто така, се дознава дека Игор Ткач е близок пријател на Иван Ткачев, шеф на одделот за контраразузнавање на ФСБ во финансиските служби, посочуваат од Алијанса за Албанците.

Според партијата партнерот на Институтот ИГХ, Институтот за патишта Велес е мала компанија основана во 2021 година со депозит од 5.000 евра и за којашто нема финансиски податоци.

-Нејзин сопственик е Сотир Ампов, сметководител од Гевгелија познат во правосудниот систем и претходно спомнат во кривични предмети. Од базата на податоци за јавни набавки, произлегува дека оваа компанија досега има добиено два тендери од Државни патишта за надзор на градежни проекти, што ги зголемува сомнежите за корупција. Значи повеќе од јасно е дека Кремљ и ФСБ стојат зад Глијаделкин и Институтот ИГХ. Затоа, вицепремиерот Груби како политички одговорен и директор за државни патишта, Ејуп Рустеми како административен одговорен, ја загрозија, без преседан, националната безбедност со тоа што склучија договор со Институтот ИГХ да ја надгледува работата на Бехтел-Енка. Да не беа финансиските санкции на сојузниците кон Русија, денес Путин и ФСБ ќе седеа со скрстени нозе на најстратешкиот проект за Албанците и нашите сојузници во Северна Македонија и Западен Балкан, нагласуваат од Алијанса.

Според партијата вистинска среќа е што пропаднал договорот бидејќи Институтот ИГХ не ја депонирал навреме банкарската гаранција предвидена во договорот, како што велат од АА „најверојатно поради замрзнување на имотот како резултат на финансиски санкции кон Русија“.

-Но, ова не го поништува овој скандал од невидени размери во околностите во кои се наоѓаат Европа и светот. Цел систем не успеа да го открие овој злонамерен обид за инфилтрација на Кремљ и ФСБ. Алијанса за Албанците бара итна оставка од гореспоменатите функционери и го повикува Јавното обвинителство да го истражи неуспехот на институциите за национална безбедност да ја откријат заканата од Институтот ИГХ и да ги идентификува одговорните за ова безбедносно фијаско со коруптивни карактеристики, сметаат од Алијанса.

Од партијата ги нагласуваат следните факти:

-Автопатите Тетово-Ќафасан и Прилеп-Битола ќе ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел-Енка, со услови утврдени со посебен закон изгласан во Собранието. Јавното претпријатие Државни патишта требаше да објави тендер за надзорни и правно советодавни услуги за изградба на нови автопати.

– Јавното претпријатие за државни патишта на 28.12.2021 година објави тендер за надзор и правно советодавни услуги за коридорите 8 и 10, со рок за доставување на понудите до 23.03.2022 година. Прифатени се две понуди, односно од US Hill International и еден конзорциум предводен од Институтот ИГХ со седиште во Загреб.

– Според извештајот на комисијата за јавни набавки, само една понуда била прифатлива, онаа на конзорциумот предводен од Институтот ИГХ, во соработка со македонската компанија Институтот за патишта Велес.

– На 17 мај беше донесена одлука договорот да се додели на Институтот ИГХ. Договорот беше вреден 22,6 милиони евра без ДДВ и времетраењето на договорот беше 58 месеци. Според информациите што ги објави Загрепската берза, Институтот ИГХ учествувал во договорот со 8,7 милиони евра, додека македонската компанија Институтот за патишта Велес со 13,8 милиони евра.

– Договорот меѓу Државни патишта и Институтот ИГХ се потпиша на 3 август, но банкарската гаранција од 10 отсто од вкупната вредност на договорот (2,6 милиони евра со ДДВ) не беше навреме депонирана од Институтот ИГХ, според одредбите од Законот за јавни набавки. Институтот ИГХ побара продолжување на рокот до 5 август, но повторно не ја обезбеди банкарската гаранција.

– На овој начин, договорот беше прекршен од Институтот ИГХ и стана неважечки. Државни патишта одлучија да започнат нова постапка за повторно објавување на тендерот, согласно важечките закони.

Back to top button
Close