Алијансата стана понтонски мост за ВМРО-ДПМНЕ

Алијансата како да не знаеше што да направи со успехот на изборите и наместо да го прошири политичкото пледоаје таа влезе во трампистичко негирање на резултатите до денеска. И се согласи да застане под вмровскиот чадор.
На фонот на големите проблеми на државата (здравствените и преговарачките болкади за ЕУ) во политиката се одвива едно преструктуирање кое навидум би требало да им донесе некаков успех на оние што се зафатија да градат едно партнерство. Не беше неочекувано да почнат да се градат мостови меѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците и Алтернатива, но е неочекувано како партијата на Зијадин Села почна да ја подјадува својата изборна супстанца со тоа што самата почна да се поставува како понтонски мост за Христијан Мицкоски. Партиските органи си носат свои одлуки (исправни или погрешни, сеедно) и со нив се обидуваат да привлечат што поголем дел од светлата на политичката сцена. Партијата на Села се одлучи на новата политика, што е сосем легитимно, но големо прашање е дали нејзините структури вистински ги калибрирале таквите одлуки, па оној огромен успех на изборите сами да почнат да го намалуваат и тоа само 100 дена по формирањето на владата.

На почетокот на ноември Алајансата и Алтернатива се ставија под закрилата на германската фондација „Конрад Аденауер“ со основна идеја да му се зголеми чадорот на ВМРО-ДПМНЕ, под кој може да застанат и некои партии од албанскиот политички кампус. Тоа требаше да биде обид да се прикаже дека македонските конзервативни националисти може да најдат партнер онаму каде што изгледаше дека не е можно – кај албанските конзервативни националисти. Нема ништо невообичаено во оваа активност на „Конрад Аденауер“ – како фонадација на германските конзервативци таа треба да го зголеми капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ за да може да се најде во ситуација прво да може да победи на локалните избори следниот октомври, а потоа преку силен политички притисок на претпоставените предвремени парламентарни избори да ја освои власта. Темата на конференцијата организирана на 6 ноември беше „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“.
Мицкоски веројатно беше задоволен од овој потег – германските „посредници“ ги донесоа на истата маса Зијадин Села и Африм Гаши.

Партнерството можеше да почне да почне да се гради. Главното прашање е колкав е влогот на Мицкоски, а колкав на Села и дали користа може да биде еднаква. Проблемот на Села почна од разочарувањето по изборите (тој беше убеден дека победата на нив е неизбежна) и наместо огромниот успех да биде силен темел за успехот што треба да дојде, тој почна да влегува во идеолошки и политичк-практични конфузии и е на добар пат да поништи добар дел од она што го постигна.

Границите на успехот
Едноставно кажано, Алијансата не знаеше што да направи со успехот на изборите. Иако ДУИ освои најмногу гласови во албанскиот блок, вистинскиот победник беше Алијансата. За жал, Алијансата влезе во филозофијата на трампизмот и продолжува да го негира резултатот од изборите (и покрај сите одлуки на ДИК и Управниот суд), да тврди дека победата им била украдена и да ги свири истите ноти со ВМРО-ДПМНЕ дека изборите биле „талибански“ (како за време на талибанците во Авганистан да имаше избори). Сега партнерството во опозицијата треба да се гради врз негирање на резултатите, а не врз доградба на идеологијата и политичката програма. Тоа изгледа како фалшлива концепција

Јасно е дека силен мотор на изборниот успех на Алијансата и Алтернатива (без оглед на лидерството на Села) беше гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари поради неговит мек тон и умешноста дури и крајните радикални ставови на партијата да ги претстави на прифатлив начин. Но веќе прашање е колку ќе може да трае неговата употреблива вредност. По конференцијата на „Конрад Аденауер“ Таравари сосема задоволно рече дека таму Христијан Мицкоски му се извинил на Села поради крвничкото тепање на 27 април. Тоа беше невнимателна изјава за да може да се оправда значењето на средбата.
Со таа изјава Таравари сите крвави настани ги поврза само со претепувањето на Села, како ништо друго да не се случило во Собранието.

Таа хелиоцентричност драматично го намали и ја рудиментира политичката порака на Алијансата. Потоа, го поттикна Мицкоски елегантно и внимателно неколку дена подоцна да ја појасни целата ситуација: „Јас кажав дека жалам за тоа што му се случи на господинот Села и посакав никогаш да не се повтори“. Појаснувањето на Мицкоски беше со добар политички такт и Села и Таравари останаа покуси. Во основа, Мицкоски го направи единственото можно појаснување без да си нанесе и најмала штета – во чие име тој би се извинувал: во име на оние што го тепаа Села, во име на партијата со што би признал дека таа го организирала упадот; или во негово лично име.

Таравари го одмолчи продолжението на оваа епизода и со тоа беше поставен првиот блок на понтонскиот мост. Понатаму одеше полесно. Села ја усвои реториката на ВМРО-ДПМНЕ околу блокадата на Бугарија за почетокот на преговорите со ЕУ, барањата за оставка и формирање експертска влада. По поднесувањето на интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Никола Димитров, Зијадин Села изјави: „Ненорамално е да не гласам за интерпелација покрената од опозициската партија. Ние сме опозициска партија и би требало да ја поддржиме секоја иницијатива за интерпелација“. Логички, тоа изгледа коректно, но во политиката многу често има работи кои не се секогаш во равенство со логичките изјави. Поддршката за одреден потег треба да се објасни и со сопственото политичко пледоаје, а не само едноставно да се поддржи барањето на некој друг.
Поголемиот проблем
Така беше и при гласањето за буџетот. По расправите за оправданоста на ставките и прироритетите на државната каса, кога дојде моментот за гласање опозицијата ја напушти салата. Зошто не би останала да гласа против. Тоа може да изгледа како изградба на унисон политички став, но во основа е одење зад чекорите на најголемата опозициска партија. Она што со децении изгледаше како посебна политика на партиите од албанскиот блок (особено кога се во опозиција) наеднаш се претвори во стоење „у потиљак“ зад поголемиот.
Веројатно единствената инстинктивна реакција на Зијадин Села во овие два месеци беше што побрза да побара албанскиот јазик да биде задолжителен во предложената образовна реформа, а не изборен. Тоа беше во согласност со нивните ставови за кои се залагаат подолго време и во тоа нема ништо неполитичко. Или иницијативата за државјанствата (за која не добија поддршка од двете најголеми македонски партии).
Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Проблемот за Алијансата може да стане поголем од понтонскиот мост што го гради. Главното прашање е дали на партијата на Села може да ѝ се повтори судбината на Беса. Беса во 2016 беше своевиден изборен „инцидент“ и жолт картон за ДУИ. Успехот на Алијансата беше вториот жолт картон, но многу поголем. Алијансата треба да го надогради овој успех и да ги прошири своите темели. Без оглед дали тоа ќе биде во партнерство со најголемата македонска опозициска партија. И во тоа партнерство може да ги прошири идеолошките полиња и да го направи она што сиве овие години изгледа невозможно – да се симне ДУИ од власта. За нивна жал, а и на жал на голем дел од албанскиот електорат (секако и на значаен дел од македонскиот), тие веднаш по изборите тргнаа на патот кој веројатно ќе им биде невозможна мисија. Воопшто не станува збор дали тие треба да станат дел од владејачката коалиција. Веројатно и не би требало да бидат тоа. Но дополнителното профилирање не треба да биде во сенката на некој друг. И тоа пред големата пресметка на локалните избори наесен.
Секоја партија си е свој организам. Во случајот на Алијансата за Албанците се чини дека Зијадин Села го достигна максимумот на можното влијание и лидерство со сегашната реторика и пледоаје. Без оглед што во последните месеци пред јулските избори тој ги омекна воспалителните етнички говори. Сегашниот развој на настаните изгледа дека дека тоа не само што не било доволно, туку дека тоа била програмската граница и дека на идеолошката платформа ѝ треба нов момент. Можеби таа нова платформа за партнерство со ВМРО-ДПМНЕ сега изгледа на некој начин примамлива, но големо прашање за партијата е дали тоа патот кон успехот. Не дека не би требало да гради партнерство со вмровската партија, туку дали постои опасност да биде вакумирана, а без тоа да го забележи. И потоа, кога можеби ќе биде доцна, да му се врати на трампистичкото негирање.

Љупчо Поповски

извор: ДВ

Back to top button
Close