Алијансата за Албанците го исклучи од партијата Мухсин Арифи
Комисијата за етика на Алијансата за Албанците (АА) на состанокот одржан вчера го разгледала случајот со Мухсин Арифи, претседател на Огранокот Сарај и директор на Геријатриската болница, осомничен од надлежните органи за земање мито и донела одлука за негово итно исклучување од партијата.
Како што денеска соопштија од оваа партија, етичкиот кодекс на AА бара политичките претставници да имаат високи стандарди на морален, правен и професионален интегритет, а членовите на раководните структури да постапуваат во согласност со законот, Програмата и Статутот на партијата, избегнувајќи лични финансиски или материјални придобивки.
– Врз основа на ова, Комисијата за етика донесе одлука за итно исклучување од партијата на Мухсин Арифи, како и негово разрешување од функцијата претседател на Огранокот Сарај, до донесување конечна одлука од страна на надлежниот суд. AА нема да толерира никаква злоупотреба, прекршување на законот или на Етичкиот кодекс на партијата. Владеењето со чисти раце не е само слоган, туку морална и политичка обврска за секој член на АА, бидејќи довербата на граѓаните се стекнува и се одржува само со посветеност, чесност и интегритет, се наведува во соопштението од АА.
Како што соопшти претходно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК, првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, преку второосомничениот, негов човек од доверба, побара награда од 100 илјади за згрижување на лице во болницата. На 8 април годинава, второосомничениот е фатен како во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра.
МВР, вчера информираше дека се приведени две лица под сомнение за кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“, по што директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека во координирана акција со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера, исто така, реагираше во врска со апсењето на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември Скопје” за примање поткуп. Тој потенцира дека испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности.
Директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи, беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци