АЛИСА И МЕЧКИТЕ

Додека премиерот Христијан Мицкоски во Америка раскажува за фрустрациите на македонските граѓани предизвикани од хипокризијата на Европската Унија, првиот вицепремиер Изет Меџити ги засилува тие фрустрации на домашен терен. На партиски собир во Шуто Оризари ветува дека неговата партија Демократско движење за една година ќе вработи 2-3.000 Албанци во државната и јавната администрација, повеќе отколку претходните партии на Албанците во два мандата.

Наместо да рече „ќе создаваме услови за отварање фабрики каде што ќе работат илјадници Албанци“, тој вели „ќе отвараме работни места во администрација“. Па уште и објаснува дека „со тоа ќе се елиминира еден проблем да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“.

Е, јака перспектива им нуди вицепремиерот на своите гласачи. Најголемо достигнување да им биде да влезат во партија за да добијат државна плата. При што, не сум сигурен дека и тогаш нема да заминат во странство. Сме имале случаи кога како даночни обврзници на административците сме им давале плата за да им ја храниме фамилијата дома, додека тие дополнително си оделе на привремена работа во странство.

Коалициониот партнер на Меџити, министерот за јавна администрација Горан Минчев, вели дека изјавата на вицепремиерот е „класичен пример на предизборен популизам“ и го замолува „да не се однесува како Алиса во земјата на чудата ветувајќи нешто што не е реално“.

Меџити не е во земјата на чудата. Ние сме во земјата на чудата, ако се занесуваме дека тоа што тој го ветува нема да се случи. Вработувањата во државна администрација се единственото нешто што партиите реално го остваруваат. Особено кога се на власт.

Фино е тоа што си збори Мицкоски за непринципиелната и лицемерна политика на Европската Унија кон македонскиот евроинтегративен процес на секој настап во странство. Макар што, не знам колку таа приказна ѝ е важна на новата американската администрација на Доналд Трамп. А и дома веќе не помага. Освен што уште малку ќе го зајакне евроскептицизмот со сеирџиството: Види ЕУ, што ви прави Трамп. Е па, да видите како е кога нѐ зафркавате и нас веќе 20 години. Сакате да влезете во елитниот клуб, да седнете на масата со него? Е, не може, има кој е побитен. Вие ќе почекате.

Ама, од сеир не се живее поубаво. Тукашното одушевување од однесувањето на Трамп кон довчерашните американски сојузници и партнери во ЕУ е незрело и детско размислување кое нема да ни ја подобри живејачката. Па еве, гледаме. И по осум месеци од промената на власта, нам темите ни се или менување на грбот, или ветувања за нови партиски вработувања, а на премиерот за сѐ, ама буквално за сѐ, од цените во супермаркетите до судиите и обвинителите, му е виновна или опозицијата, или Бугарија и Европската Унија. И така ќе биде до локалните избори наесен. И после, до следните избори.

Celata kolumna na Goran Mihajlovski na SDK.MK

Back to top button
Close