Алити: Со реорганизација на институциите ќе се укинуваат директорските места и членовите на управни одбори

Со реорганизација нема ниту еден вработен да биде отпуштен од работа бидејќи посебно во централната власт ние имаме дефицит на вработени така што можно е да има прераспределба, но вработените ќе останат, вели министерот за информатичко општество и администрација

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити најави дека неколку државни агенции и институции ќе бидат споени во едно затоа што експертите констатирале дека тие ја вршат истата работа и треба да бидат во едно.

„Ќе има агенции кои ќе бидат затворени односно трансферирани како сектор во некое друго министерство бидејќи експертите констатираат дека не треба да има агенција со седум члена на управен одбор и директор, односно само администрацијата е важна во таа агенција“,

рече Алити на конференција во врска со реорганизацијата на министерските системи за информатичко општество и администрација, економија и земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како пример за реорганизација, Алити посочи дека во Министерството за информатичко општество и администрација ќе се формира нова институција, Дигитална агенција, во која ќе бидат префрлени вработените од министерството што се оперативниот дел на дигитализацијата.

„Сето ова се прави во смисла на тоа за админстрацијата да биде поефикасна, пототчетна, потранспарентна“,додаде Алити.

На прашањето дали сето ова значи и намалување на бројот на вработени во админситрацијата, Алити рече дека намалување ќе има само на бројот на директори и на членови на управни одбори, а не на вработени.

„Вработените ќе бидат трансферирани. Со реорганизација нема ниту еден вработен да биде отпуштен од работа бидејќи посебно во централната власт ние имаме дефицит на вработени така што можно е да има прераспределба, но вработените ќе останат. Ќе има директори кои денеска се директори, а во 2024 година таа инстутуција ќе нема директори“,нагласи министерот Алити.

Друг пример што го даде Алити е укинувањето на Инспекцискиот совет, кој со реорганизација нема да постои.

„Администрацијата што е во Инспекциски совет ќе биде трансферирана во министерство. Експертите велат дека нема потреба тој да постои како посебен орган на државната власт“,рече Алити.

Конференцијата беше организирана за да се дадат податоци за тоа како се одвива процесот на подготовки за реорганизација на државата.

„Овој процес се одвива во рамки на ИПА проектот, во кој учествуваше целата Влада. Направени се анализи на сите 17 министерства за тоа како би можело да се реорганизираат, да се обезбеди функционирање по линија на водење политики, отчетност и надзор и контрола кој ќе биде целосно под една капа и да се обезбеди една јасна линија на сето ова, но и на буџетирањето. Ќе се избегне праксата на создавање независни институции надвор од закон, како што имавме пракса да созадаваме институции и Агенции со посебни закони. Сето тоа ќе се подведе под еден закон и ќе се воспостави целосно нова архитектура и структура на работењето на државната управа што ќе овозможи таа да биде и поекономична, поефикасна, поодговорна и поотчетна кон граѓаните“,рече Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл Македонија“ која е и тим лидер на проектот.

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, истакна дека ефикасни државни институции се од клучна важност за развојот на секоја земја и особено за испораката на услуги на граѓаните. Како што рече, тие, исто така, ќе бидат од суштинска важност за напредокот на оваа земја на својот пат кон ЕУ.

„Ова е особено важно бидејќи нема воспоставен закон на ЕУ во врска со уставната структура, ниту пак постои единствен модел меѓу земјите членки на ЕУ, што значи дека постои богата разновидност на избори што се базираат на основните критериуми за обезбедување на отчетност, ефикасност на јавната администрација. ЕУ игра важна улога во овој процес преку финансирање на експертите како дел од овој функционален преглед,рече тој.

Евроамбасадорот посочи дека треба да се очекуваат дополнувања за преостанатите министерства, а според него, реформата на јавната администрација е во сржта на овој процес.

„Без развивање на делотворна и ефикасна администрација процесот на пристапување нема да биде успешен не само заради тоа што се потребни реформи, не само заради инфраструктурата која што треба да се воспостави и ја вклучува администрацијата, туку и заради тоа што идната земја членка треба да има администрација со капацитет што ќе обезбеди спроведување на европското право и да обезбеди земјата да може да биде еднаков партнер којшто може да ги искористи можностите коишто постојат преку пристапувањето“,порача евроамбасадорот.

Вицепремиерот, Артан Груби, истакна дека доброто функционирање на институциите е предуслов за креирање и успешно спроведување на политики кои го промовираат социјално-економскиот развој во нашата земја.

„Последните извештаи на Европската Комисија континуирано се однесуваат на приоритетите за зголемување на професионалноста и унапредување на ефикасноста на државната администрација, што е можно само преку воспоставување на јасни линии на одговорност и зголемување на нивото на транспарентност, како и намалување на нивниот бро“јрече тој.

Груби, исто така, информираше дека по завршувањето на пилот проектот, Владата се обврза да го започне процесот на реорганизација од јануари 2024 година.

Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија се првите министерства што учествуваат во пилот постапката за реорганизација во рамки на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија

Back to top button
Close