Алити: Треба да најдеме начин за зголемување на платите, но без закани за протести и штрајкови

Министерот за администрација вели дека ад хок зголемување на платите ќе направи инфлацијата да биде уште полоша и, во таков случај, би имало само номинален раст на платите, но не и реален

Барањата на синдикатите за линеарно зголемување на платите, откако од март минималецот се зголеми на 18 000 денари, се легитимни. Тие имаат и право на штрајк и протест, но треба да се даде одредено време, бидејќи очекувањата се за шест месеци да се нивелираат и останатите плати, порача вечерва министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, во дебата со претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.

„Ние сме за да ги зголемиме платите во јавната администрација како држава. Сепак, во ситуацијата во која сме, со кризи кои се надвор од државна контрола, како што е кризата во Украина, има напади на економијата. И ние бевме во ситуација да направиме приоретизирање. И од ова произлезе дека подобро е да се зголеми минималната плата, односно да нема ниеден вработен кој има плата под 18 000 денари. И за линеарното зголемување, односно за усогласувањето на платите по други нивоа со минималецот, да продолжи комуникацијата на Владатасо синдикатите, за во потребниот момент да се зголемат платите“,

вели Алити.

Меѓутоа, вели тој, кога синдикатите велат дека бараат дијалог, најавуваат и дека по седум дена ќе има штрајк.

„Ова е како Дамоклов меч кога се поставува, а од друга страна, продолжуваме со разговорот. Ние мислиме дека треба да продолжиме со дијалогот и да најдеме начин за зголемување на платите, но без закани за протести и штрајкови“,

вели министерот.

Според него, точно е оти има инфлација, но доколку платите се зголемат ад хок, без анализи, без раст на продуктивноста на економијата, инфлацијата ќе биде уште полоша.

„Ова не го велиме само ние како Влада, туку го велат и економистите. Затоа, како став на Владата е да го продолжиме дијалогот. Ние како Влада го имаме и формализиран дијалогот со сите синдикати, тоа е социјалниот дијалог кој се води во Владата. Јас како министер не сум дел, како член на тој совет, но учествувам и јас таму. Идејата е да се продолжи дијалогот со цел да се изнајде одржливо решение. Кога велиме одржливо, идејата е растот на платите да не влијае уште полошо на инфлацијата која веќе постои, затоа што има многу фактори кои влијаат на инфлацијата, но растот ад хок на платите, без потребни калкулации, го прави растот на платите да биде само номинален, но не и реален раст. Ние сакаме, во моментот кога ги зголемуваме платите, да биде тоа реален раст на платата на граѓанинот“,рече Алити.

 

Back to top button
Close