Алиу: Доделени се решенија за вработување 28 доктори специјализанти во болницата во Тетово

Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ја посети Клиничката болница во Тетово по повод доделување решенија за вработување доктори-специјализанти од повеќе области.
-Со големо задоволство присуствувам на доделувањето решенија за вработување на 28 доктори специјализанти. Станува збор за приватни специјализанти од повеќе различни области, со што сериозно се унапредува специјалистичката здравствена заштита во оваа установа. Приватните специјализанти се вработуваат по објавен конкурс, спроведени тестирања, интервјуа, односно по завршување на сите законски процедури. Во рамки на заложбите за регионализација на здравствените услуги и зајакнување на регионалните клинички и општи болници низ државата, токму Клиничката болница во Тетово е еден од примарните фокуси на Министерството за здравство, посочи Алиу.
Тој потсети дека во рамки на заложбите за регионализација, во оваа установа се работи и на дисперзирање на онколошките услуги, со цел овие пациенти да ги добиваат потребните здравствени услуги поблиску до местото на живеење.






