Алиу: Ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител

Министерот за здравство, Азир Алиу, на јавната панел-дискусија посветена на органодарителството, која вчера се одржа во Гостивар, ги презентираше системските мерки и политики што се спроведуваат за унапредување на органодарителството во државата.

„Особено ми значи што денес за органодарителството зборуваме токму во Гостивар, во мојот роден град. Постојат теми кои не бараат само политика, туку и човечност, доверба и морална зрелост на општеството. Органодарителството е токму таква тема, која го отвора едно од најдлабоките прашања што нашето општество може да си го постави: дали во најтешкиот момент можеме да создадеме надеж за некој друг? Нашата задача е да градиме доверба и да создадеме систем во кој семејството однапред ќе ја знае волјата на својот близок. Органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болнички ходник, во мигови исполнети со трагедија. Треба да зборуваме дома, во семејствата, во училиштата, на факултетите, меѓу лекарите и пациентите – јавно и без предрасуди“, истакна во своето обраќање министерот Алиу.

Во таа насока, Министерството за здравство спроведува континуирана национална кампања за подигање на свесноста за органодарителството како траен процес на едукација. Паралелно, се работи на вклучување на матичните лекари, училиштата, универзитетите, пациентските здруженија и верските заедници, со цел ова прашање да стане дел од зрел и информиран јавен дијалог. Истовремено, се обезбедува континуирана поддршка за трансплантациските тимови и се подготвува дигитална и правна рамка во која волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена, безбедно евидентирана и доследно почитувана.

„Во тек е постапката за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кој веќе е доставен во Собранието по скратена постапка. Со тоа државата покажува дека органодарителството не го третира само како морално прашање, туку и како јавен приоритет. Собранието испрати силна порака на единство и консензус за зајакнување на органодарителството со тоа што од страна на пратениците од власта и опозицијата беше изгласана потребата од носење на законот по скратена постапка. Кога станува збор за животот, нема власт и опозиција, нема политичка разлика што може да биде поважна од должноста да покажеме дека државата знае да биде на страната на човечноста, достоинството и надежта. Предложените измени претставуваат важен чекор кон систем во кој личната волја на граѓаните ќе биде појасно изразена, поцврсто заштитена и подоследно почитувана“, истакна Алиу.

Со законските измени, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството

Back to top button
Close