Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура – обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември”
Министерот за здравство, Азир Алиу и заменик министерот Јовица Андовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември”, каде беше направен увид на новата хипербарна комора.

Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин”, во рамки на заеднички проект со болницата.
– Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани кои тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничко работење, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе биде на располагање и за одделите за пластична хирургија, дерматологија и останати болнички оддели, согласно потребите и медицинските индикации.
-Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема која ќе го зголеми квалитетот на услугите кои ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, го намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување, посочи Алиу.






